Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) најостро ги демантираше наводите изнесени во јавноста од новинарот Фуркан Салиу, поврзани со натпреварите Вардар – Башкими и Шкендија Арачиново – Преспа, оценувајќи дека станува збор за неточни информации и манипулации.
Од ФФМ истакнуваат дека ниту Федерацијата, ниту претседателот Масар Омерагиќ побарале или издале каква било наредба за отстранување на албански знамиња на натпреварот Шкендија Арачиново – Преспа. Според нив, ваквите тврдења се „целосно неточни“ и, како што велат, создаваат непостоечка политичка позадина.
Во однос на обвинувањата за наводна употреба на сила од страна на полицијата на натпреварот Вардар – Башкими, од Федерацијата категорично ги отфрлаат ваквите наводи. Тврдат дека припадниците на Министерството за внатрешни работи постапувале професионално и коректно, дури и во ситуации кога, како што наведуваат, биле изложени на вербални и физички напади.
ФФМ оценува дека обидите овие настани да се претстават како „употреба на сила“ се тенденциозни и злонамерни, додавајќи дека, според нив, пласирањето на непроверени информации создава непотребни тензии и поделби.
Од Федерацијата посочуваат дека нивните простории се отворени за увид во фактите и официјалната видео-документација, упатувајќи покана до новинарот Салиу директно да се запознае со сите релевантни информации.
ФФМ наведува дека нема намера да води јавни полемики, но предупредува дека доколку продолжат, како што велат, невистинитите и клеветнички наводи, ќе ги искористи сите расположливи правни механизми за заштита на угледот и интегритетот на Федерацијата.
„Новинарството подразбира одговорност, проверка на факти и професионален пристап“, порачуваат од ФФМ, оценувајќи дека во овој случај тие стандарди не биле испочитувани.




