Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан денес изјави дека е постигнат „скромен напредок“ во преговорите меѓу Украина и Русија и дека следниот чекор би можел да биде прекин на огнот.
Фидан им рече на новинарите на пат кон Киев дека и Русија и Украина сакаат прекин на огнот и дека Турција во моментов се обидува да направи сè што е можно за да го постигне тоа, објави Хуриет.
„Страните се согласија да преговараат и како резултат на тоа, постигнаа одредени резултати. Размената на илјада затвореници беше важен чекор во овој поглед. Подоцнежен важен чекор е и страните официјално да ги консолидираат своите позиции за прекинот на огнот, да ги пренесат на другата страна и да продолжат со преговорите врз таа основа“, нагласи Фидан.
Тој позитивно ги оцени резултатите од неговата посета на Русија, истакнувајќи дека во моментов се чека потврда дека следниот состанок на преговарачките групи ќе се одржи на 2 јуни во Истанбул. Фидан нагласи дека на почетокот на разговорите за прекин на огнот, позициите на Русија и Украина беа многу различни.
Тој нагласи дека Турција одржува контакти и со Украина и со Русија, како и со европските земји, и е подготвена сеопфатно да придонесе за напредок во процесот на преговори.
Фидан денес ја започнува дводневната посета на Украина, откако претходно ја посети Русија. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на 28 мај изјави дека Москва предложила одржување на втора рунда разговори меѓу руските и украинските делегации во Истанбул на 2 јуни. Првата рунда разговори се одржа во Истанбул на 16 мај.