Холандскиот фудбалер Марко ван Бастен е избришан од видеоиграта „Фифа 20“, поради нацистичкиот поздрав кој го изговори во живо на холандската телевизија „Фокс спортс“.
Ван Бастен работи како коментатор на ТВ. Пред извесно време, во еден миг помисли дека неговиот микрофон е исклучен и на крајот од разговорот со тренерот на Хераклес, Германецот Франк Вормут, Холанѓанецот дофрли „Зиг хајл”.
Микрофон беше вклучен и неговиот поздрав го чу цела холандска, па и светска јавност. Легендарниот фудбалски напаѓач веднаш се извини, а неговата ТВ-куќа го суспендираше на една недела, и неговиот хонорар беше дониран на Институтот за истражување на војната, Холокауст и геноцидот.
По сè тоа, раководството на производителот, издавач и дистрибутер на видеоигри – „Електроник Артс” (ЕА) го избриша ликот на Ван Бастен од „Фифа 20“.
„Со нашата видеоигра промовираме рамноправност и почитување на различностите. Поради тоа, го повлекуваме ликот на Марко ван Бастен”, соопшти ЕА.