Македонската фудбалска репрезентација бележи скок од едно место на ФИФА ранг-листата објавена денеска и сега се наоѓа на 68-то место.
Прогресот на Македонија се должи на победата над Словенија во октомврискиот прозорец од квалификациите за ЕУРО 2020.
Од противниците на Македонија во квалификациите за ЕП, на октомвриското рангирање на ФИФА, најдобро котира Полска – на 21. место, Австрија е 25-та, Словенија се наоѓа на 65. позиција, Израел е 89-ти, додека Летонија е 143-та.
Противникот на Македонија во плеј-офот од Лигата на нации, репрезентацијата на Косово е на 114. место..
На врвот и натаму е Белгија пред Франција и Бразил. Во Топ 10 се уште репрезентациите на Англија, Уругвај, Португалија, Хрватска, Шпанија Аргентина и Колумбија.
Следното рангирање Светската фудбалска федерација ќе го изврши на 28 ноември.