Поранешниот сириски премиер Ријад Хиџаб, кој се приклучи на опозицијата, би можел да биде назначен за шеф на преодната влада на Сирија, објави денеска францускиот весник „Фигаро“, повикувајќи се на упатени извори.
Хиџаб кратко беше на чело на Владата на Сирија од јуни до август 2012 година, на почетокот на бунтот против претседателот Башар ал-Асад, пред да побегне во Јордан за да се приклучи на опозицијата.
Ако Хиџаб стане шеф на преодната влада, САД нема да мора да соработуваат со Абу Мухамед ал-Џулани, кого го сметаат за терорист, а кој е на чело на организацијата Хајат Тахрир ал-Шам, бунтовничката коалиција во која доминираат исламистите, која го собори Ал Асад, наведува парискиот весник.
Претставници на вооружената опозиција во Сирија вчера објавија дека воспоставиле контрола над земјата, а Башар ал Асад со семејството се засолни во Москва.
Фото: ЕПА