Социјалдемократи од Битола го повикуваат претседателот на СДСМ Венко Филипче кадровските промени да ги почне од Битола.

Одговорност за изборниот пораз во Битола мора да има“, вели членот на Централниот одбор на СДСМ, битолчанецот Зоран Стојчевски.

СДСМ Битола на локалните избори освои 5 мандати на советници со над 5000 гласови, а кандидатот за градоначалник Методија Куновски се пласира на третото место по освоени гласови со над 6000 гласови.

Куновски во изјава за „Независен“ вели дека чувствува одговорност за исходот од изборите, но ја остава можноста да остане на чело на партијата и најавува уште „пожестока борба за подобро утре на партијата“.

Во ОО на СДСМ Битола врие за промени, велат партиски членови во очекување актуелното раководство да ја закаже Конференцијата на општинската организација заради анализа на изборните резултати и изјаснување за доверба во изборните органи на општинската организација со оглед на исходот од локалните избори на 19 октомври. Откако вчера лидерот Венко Филипче кажа дека ќе има политички и кадровски промени во партијата, битолски социјалдемократи бараат јавно промените да почнат од Битола.

Веднаш после првиот круг од локалните избори им испратив пораки на актуелниот претседател на ОО на СДСМ Битола Методија Куновски кој воедно беше и кандидат за градоначалник на Битола, и на потпретседателот на СДСМ и член на Извршниот одбор на партијата Методија Илиевски, да си поднесат неотповикливи оставки. Им кажав дека првиот треба да си остане новинар, а вториот ракометен судија. Одговори не добив. Но, промени мора да има и тоа го знае и нашиот претседател Венко Филипче“, изјави за „Апла“ Зоран Стојчевски, член на Централниот одбор на СДСМ.

Стојчевски вели дека и пред составувањето на листата за советници и пред одлуката Куновски да биде кандидат за градоначалник јавно и јасно реагирал во медиуми дека ОО на СДСМ Битола мора да има сериозен кандидат за градоначалник, човек кој ја познава партијата и кој ќе ги обедени сите фракции, како и тоа дека кандидати за советници треба да бидат лица кои имаат „тежина“ меѓу членството и во градот.

Прво грешката е направена кога за претседател на ОО на СДСМ е поставен Методија Куновски (човек кој е недоволно запознат со партиското членство и структури), втората грешка беше кога Куновски прифати да биде кандидат за градоначалник, а не беше личност која ги обединува сите фракции. Советничката листа беше скроена од Куновски и Илиевски и не успеа да привлече гласачи, секако со исклучок на неколку кандидати. За овие грешки мора да се одговара пред членството и јавноста. Всушност и Куновски и Илиевски треба да ги разреши Венко Филипче оти тој ги постави, а не членството“, вели членот на Централниот одбор Стојчевски и споредува дека дури и во 2009 година кога ОО на СДСМ имаше тежок период во време на „режимот на Груевски“, тогаш и кандидатот за градоначалник освои повеќе гласови и партијата имаше 9 советници во Советот на Општина Битола.

Претседателот на OO на СДСМ Битола, Куновски за „Апла“ изјави дека резултатот од изборите во Битола се јасен сигнал дека мора да се направат длабоки промени „да се погледнеме искрено во очи и да извлечеме поуки“, вели тој. Смета дека сите чекори кои ќе бидат преземени во Општинската организација во Битола мора да се темелат на отворена, искрена и суштинска анализа на состојбите кои како што вели нѐ доведоа до овде.

Куновски вели кадровските промени не треба да бидат лични проценки.

Во таа смисла, и реформите кои се неопходни и евентуалните кадровски промени, мора да се засноваат врз кредибилни и релевантни показатели, а не на волунтаристички и лични проценки. Како човек и како актуелен лидер на СДСМ Битола секако дека чувствувам одговорност за изборниот резултат, иако со мирна совест можам да речам дека изминатите неколку месеци направив апсолутно сѐ, за што подобар исход. Оттаму, оставка е една од можностите за која има право да се одлучи било кој, вклучително и јас, во било кој момент“, изјави Куновски за „Апла“.

И додава дека постои можност и да остане на чело на општинската во Битола.

Друга можност која, исто така, подразбира одговорност е да се остане, да се води уште пожестока борба за подобро утре на партијата и на Битола“, наведува Куновски за „Апла“.

Според него Општинската изборна конференција ќе биде закажана тогаш кога ќе заврши процесот на анализи кој го започнале во општинската организација. Сите понатамошни чекори ќе бидат усогласени со заклучоците кои ќе ги донесат и за кои правовремено ќе ја известат јавноста, вели Куновски.

Инаку претставници од Битола во највисоките тела на СДСМ во централата во Скопје се – Методија Илиевски во Извршниот одбор и еден потпретседателите на СДСМ, во Централниот одбор членуваат покрај Зоран Стојчевски и Елизабета Ивановска и Андреј Стојановски, додека генерален секретар на Форумот на жени на СДСМ е битолчанката Јасмина Ангелова.