-Денеска остварив средба со евроамбасадорот Дејвид Гир. Му се заблагодарив што во неговиот мандат беше вистински пријател на Северна Македонија кој ни даде голема поддршка во остварување на нашите стратешки цели – напиша на фејсбук претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
На средбата посочив дека сум загрижен од политиките на новата Влада што може да предизвикаат трајно блокирање на евроинтеграциските процеси.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ во само неколку недели целосно ги наруши позициите на Северна Македонија, отворајќи веќе затворени спорови со што шансите за продолжување на евроинтеграциите драматично се влошија.
Изразив и сомнеж околу намерите на Владата воопшто да го продолжи стратешкиот правец кон ЕУ и нејасната перспектива која ја нуди на почетокот на мандатот.
Реафирмирајќи ја европската интеграција како стратешка цел на државата, истакнав дека цврсто се залагаме за негување демократските вредности и заштитата на националните интереси.
СДСМ како опозиција ќе се залага за реформи од страна на сите чинители во македонското општество. Напредокот во интеграцијата на нашата држава позитивно ќе се одрази на регионалната соработка, стабилноста и напредокот на земјата, напиша Филипче.