Носителот на листата на СДСМ во Изборната единица 4, неврохирургот д-р Венко Филипче вчера на средба со младите во Прилеп порача дека тој како пратеник ќе направи сè за реализирање на идеите и предлозите што ќе стигнат токму од нив.
-Од вас ќе чекам конкретни предлог решенија. Не само констатирање дека нешто не чини. Вие мора да понудите сериозни решенија, а ние ќе најдеме начин да ги реализираме. Вие треба да сте креатори на политиките кои вас ве засегаат, а ние да ве поддржиме во спроведувањето. На младите лекари секогаш им велам, тоа го заслужувате, не чекајте друг да ви го даде на тацна. Барајте го гласно. Ако наидете на затворена врата, ќе влезете преку прозор. Нема друг начин да ги остварите вашите права. Не ја пропуштајте можноста да ги водите промените – рече Филипче пред младите.
Тој ги презентираше клучните младински политики предвидени во програмата на СДСМ што ќе значат континуирано подобрување на образовниот процес кој ќе гради млади со смели и одговорни идеи за иднината на државата и ќе ги задржи дома преку понуда на конкурентни политики за младинско вработување.
– Една од промените што ќе ја направиме е зголемување на програмата „Гаранција за млади“ која ќе биде отворена за 35.000 млади кои ќе добијат многу можности за вработување. Сакаме да ви обезбедиме стабилност и сигурност, затоа воведуваме по 200 евра во првите 12 месеци за секое прво вработување на лица до 26 години – истакна Филипче.
Тој додаде дека СДСМ верува во вредноста на образованието и затоа ќе им овозможи на младите подобри услови во сите степени на образование.