„Малиот Милош е во стабилна здравствена состојба, а резултатите од електрокардиографијата и ехокардиографијата се во граница на нормала и тој е добар“, соопшти министерот Венко Филипче на „Фејсбук“, каде преку неколку фотографии докажа дека го исполни даденото ветување.
„Се договоривме за една година повторно да дојде на преглед. Милош ќе расте во здраво дете и ќе биде наш иден спортист“, напиша министерот Филипче.
Овие денови имаше и хуманитарна акција. Граѓаните самоиницијативно се организираа и му приредија вистинско изненадување.
Сторијата за деветгодишниот Милош Трајановски од село Живиње ја објави ТВ24.
-На триесетина километри од Скопје, а отсечени од светот. Во домот на семејството Трајановски од село Живиње времето како да застанало пред половина век. Пред дваесет и две години во оваа куќа мајка му сама го родила неговиот брат. Милош пак, роден со болно срце, веднаш го однеле на операција во Бугарија. Од тогаш досега, девет години не направил никаков преглед, бидејќи и за тоа требаат пари. Надлежните тврдат овие луѓе не се заборавени, иако социјалните служби не го најдоа ова семејство во нивниот систем, информира ТВ24.