Министерот за здравство Венко Филипче, на собраниската седница за пратенички прашања истакна дека и досега постоела соработката за детската кардиохирургија со спојот на експертизите од јавното и приватното здравство.
-Флуктуации во тимот секаде во светот постојат. И двете приватни болници имаа важечки договори да изведуваат детски кардиохируршки операции. Таму се изведуваа и досега. Не е тоа никаков новитет, потенцираше министерот Филипче и додаде дека во приватните болници се плаќа само услугата, исто како што се плаќа и на државната клиника, но не се плаќаат трошоците.
Филипче изјави дека со големиот број вработувања, зголемен е капацитетот на јавно-здравствените установи на секоја поединечно за 10 проценти.
-Воведовме и нова мерка, за задолжителен шестмесечен платен стаж на младите лиценцирани доктори. Ова е одлична стимулативна мерка за да останат во земјата, да стекнат експертиза под менторство на поискусни лекари и да работат на примарно ниво на здравствена заштита, таму каде што навистина се стекнуваат првичните искуства. Тоа се итната медицинска помош, вакциналните пунктови и патронажните сервиси, рече министерот Филипче.
Тој потенцираше дека со инвестицијата во платите и дежурствата, има доктори коишто и сега земаат нето плата од 100 илјади денари, а во овој момент се работи на обезбедување на буџет за тоа да важи за сите лекари специјалисти следната година.