Поранешниот министер за здравство Венко Филипче е најсериозен кандидат за претседател на државата дознава „Република“ од извори на партијата. Тој подолго време е повлечен во илегала и ретко се појавува во јавноста, но сега неговото име излегува како еден од кандидатите за шеф на државата.
Како што тврди Република повикувајќи се на свои извори, двете најсилни кујни на „Бихаќка“ се на поранешниот претседател Зоран Заев и на Оливер Спасовски. Кујната на Спасовски лобира токму актуелниот министер за внатрешни работи да стане претседател на Македонија.
Последните случувања со убиството на Вања Ѓорчевска не одат во прилог на Спасовски бидејќи тој се посочува како главен виновник за пропустите во истрагата и добро ќе извага дали има шанси да победи во претседателката трка.
Сметките на Спасовски му ги нарушува и актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој час се кандидира, час не се кандидира за нов мандат. Сепак, не е исклучено и луѓето блиски до Спасовски на крајот да го поддржат Пендаровски за нов мандат.