– Преземени се многу мерки, имавме огромна помош од Владата, од Министерството за здравство, псотојано на клиниката беа присутни експерти од Светската здравствена организација и со општествено одговорни компании направивме многу за да ја намалиме смртноста која беше наш императив, рече на денешната прес-конференција директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство Викторија Јовановска.
Началникот на Интензивното одделение на Клиниката за гинекологија и акушерство Елизабета Петковска информира дека годишно згрижуваат на Одделението за интезивна нега и терапија од 650 до 750 предвремено родени новороденчиња. Тоа се високоризична група на нопвородени деца кои бараат одредена одредена нега и третман.
Петковска потенцира дека намалувањето на смртноста кај предвреме родените новороденчиња е успех на самото Одделение, на новиот менаџмент, на новите вработени, на зајакнатиот тим со медицински сестри и доктори, на големото влијание на невладиниот сектор, како и на СЗО во соработка со Министерството за здравство и ресорниот министер Филипче.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање рече дека верува во стручноста на неговите колеги, гинеколози. Смета дека има доволен број на гинеколози, но не се добро распределени.
За намалувањето на смртноста кај предвремено родените новороденчиња Филипче рече дека тоа го сториле со низа мерки уште од почетокот на годинава. – Наша цел беше да се приближиме до европските параметри, до европските стандарди. Тоа почнавме да го правиме и сме на добар пат. Смртноста според моите последни податоци се намали за седум-осум отсто, што воопшто не е малку за така краток период од само девет месеци, рече Филипче. Потсети дека купиле нова опрема, соодветен број инкубатори, го надградиле системот на едукација, имало експерти од странство…
Годинава Светскиот ден на предвременото породување е под слоганот „Да соработуваме: Партнерство со семејствата при грижата за малите и болни новороденчиња.“ Вечер во Театарот за деца и младинци во Скопје се поканети семејствата со предвреме родени деца со цел да се запознаат и да се дружат.
Најчести причини за предвремено породување се инфекциите кај мајките за време на бременоста, аномалии на матката, ин витро оплодувањата со повеќе плодови и се уште има нередовно контролирани трудници кои првпат доаѓаат на лекар за време на породувањето. Докторите апелираат трудниците да не пијат алкохол, да не пушат, да имаат богата исхрана, да одат редовно на контрола, да се контролираат секусално преносливите болести, да не се дозволат вагинални и уринарни инфекции, редовно да земаат терапија, да се слушаат советите на докторите и да се користат суплементи во бременоста.