ФИЛИПЧЕ: Наставата за децата до трето одделение ќе почнува со временско растојание од 10 минути, на одмори да седат во училница

/ 25.08.2020

Нашата препорака е само децата од првите три одделенија физички да присуствуваат во училиштата во новата учебна година. За време на одморите да не се излегува од училниците, а со настава да почнуваат со временска дистанца од 10 минути, истакна вечерва министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој во гостувањето во Сител ТВ посочи дека изготвените протоколи се базираат на истите принципи на превенција од болеста, а тоа е носењето маска, седењето на дистанца и задолжително почесто миење и дезинфекција на рацете.

-Има многу барања и размислувања и многу дилеми, пратиме и гледаме многу искуства од многу земји во светот, но ние одлучивме и тоа само така може да биде, приоритет ќе биде заштита на здравјето на граѓаните, така како што беше до сега во однос на сите воведени и имплементирани мерки, а сега во однос на заштита на здравјето на најмладите, почетокот на школската година како еден сериозен ризик да се влоши епидемилошката ситуација, заради тоа што огромен број деца би биле во една затворена или повеќе затворени простории со шанса и можност да комуницираат многу интензивно, повеќе денови во текот на неделата помеѓу себе, рече Филипче.

Главната препорака, како што рече, е да има физички присутни деца само од првите три одделенија, со цел да се намали бројот на деца кои би присуствувале во училиштата. Притоа, додаде, сигурно ќе се среќаваат за време на влезот, за време на крајот на денот, за време на одморите.

-Препораката е да не се излегува од училниците за време на одморите и овие три одделенија кои ќе почнат, односно прво, второ и трето одделение да почнуваат во различно време со временска дистанца од 10 минути за да не се среќаваат на влезот, ниту пак на крајот на часовите. Сакаме да ги избегнеме оние лоши сценарија кои ги видовме во земјите кои ги отворија целосно училиштата, додаде тој.

Како што додаде, анализа покажала дека децата заболуваат со најлесна форма и најмалку процентуално, под 4 проценти се заболени најмалите деца до 9 години.

-Нашата анализа покажала дека најлесна форма и најмлаку процентуално, под 4 проценти се заболени најмалите деца до 9 години. Затоа воведуваме вакви ригорозни мерки кои мора да се почитуваат. Треба да се постапи вака затоа што тоа е најсигурниот начин за спречување на ширење на вирусот, рече Филипче.


Од истата категорија