Засега нема потреба од воведување полициски час, рестриктивните мерки што се досега донесени се доволни, и ако се почитуваат ќе дадат резулат во следниот период, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Тој повторно апелираше до граѓаните да ги почитуваат мерките, особено забраната за групирање на јавен простор која со вчерашната одлука на Владата е продолжена во текот на целиот ден, наместо како досега од 21 часот.
Филипче истакна дека особено загрижува групирањето на младите во парковите забележано изминатиот викенд.
– Целта на целосната забрана за групирање е токму да се спречи собирањето во парковите по 21 часот кога затвораат кафулињата и другите угостителски објекти, што носи ризик за ширење на Ковид-19, истакна министерот за здравство, одговорајќи на новинарски прашања по денешната посета на пунктот за тесирање во поликлиниката „Јане Сандански“.
Филипче изјави дека за секоја форма на болеста Ковид-19 има соодветна препорака и оти матичните лекари добро знаат кои пациенти треба да се третираат дома, а која е индикацијата за едно болно лице да се смести во болничка установа.
– Смртноста насекаде е голема. Огромен број на смртни случаи во соседните земјите од регионот. И тоа што можам да го кажам е дека, апсолутно, за секој пациент се прави сè што треба, нагласи министерот Филипче.
Тој рече дека болничките капацитети сè уште не се пополнети и дека има место на клиниките за болни од Ковид-19.
-Се уште има место на клиниките. Пополнети се околу 40 отсто, некои и 50, рече Филипче.
Министерот за здравство, меѓудругото, потенцира дека за хронично болните лица има механизам кој им овозможува да останат дома.
– Тој механизам важи уште од пред неколку месеци. Секој кој има хронична болест, може со мислење на специјалист да остане дома, рече Филипче.