Соопштение за јавност

Филипче од Гази Баба: Власта направи нов долг од 1,8 милијарди евра без никаков ефект

„Нема подобар живот туку нов долг од 1,8 милијарди евра“, им порача вечерва на граѓаните Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче од граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Гази Баба. Филипче рече дека наместо што сработиле нивните градоначалници премиерот вели дека за реални проекти биле потребни децении.

„Замислете направен е 1,8 милијарди евра нов долг за само 13 месеци без никаков ефект врз реалниот развој. 250 милиони евра од унгарскиот кредит кои беа наменети за стопанството, ниту 10% не се реализирани.Само неколку нивни фирми се офајдија. Ова се реалните податоци и бројки, драги пријатели. Ова е причината зошто се нервозни, зошто наместо да понудат кампања во која ќе промовираат што сработиле, направија кампања во која кажуваат дека за промени требале децении. Неспособни ниту да ги повторат барем нашите економски резултати, велат најдоброто допрва доаѓало. Сака Мицкоски да ни порача, не нè гледајте сега што правиме, немавме време“, рече Филипче.

Филипче од Гази Баба исто така рече дека, за влада без план и визија за правецот на државата и две децении би биле малку.

„Реалноста е дека на оваа неспособна власт ни уште две децении нема да ѝ бидат доволни. Нема да ѝ бидат доволни затоа што немаат план, ниту капацитет, но најважно од сè немаат чесна намера. Не сакаат да им помогнат на граѓаните, не сакаат да ја видат реалноста која е тешка, едноставно не ги интересираат граѓаните. Ги интересира само олигархијата и личните бизниси. И ова е вистинската дијагноза, овие луѓе за година и пол, опиени од успехот на изборите, заборавија дека економијата и економските политики, пред сè, треба да им служат на граѓаните“, рече Филипче од Гази Баба.