Министерот за здравство Венко Филипче апелира до опозицијата да им се приклучи и да го поддржи Предлог-законот за изградба на нов клинички центар во Општина Ѓорче Петров, бидејќи, како што вели, тоа е во интерес на граѓаните.
– Сметам дека веќе сме стигнати во фаза во која се гледа резултатот и ќе имаме најискусни европски компании кои ќе ни пружат експертиза и искуство во градењето на новиот клинички центар. Имаме изготвено физибилити студија што беше ревидирана благодарение на донацијата на австриската Влада. Го идентификувавме земјиштето во Општина Ѓорче Петров заради тоа што е целосно државно за разлика од она што беше иницијално предложено во Злокуќани, каде ќе навлезевме во многу имотноправни односи заради тоа што имаше и приватни парцели, изјави Филипче во одговор на новинарско прашање пред Министерството за здравство.
Тој потсети дека веќе е започната постапката за т.н. конкурентен дијалог на која се пријавија повеќе компании. Првата фаза ја поминаа две компании и се квалификуваа за втората фаза за преговори. Тоа, како што рече министерот, се двете најголеми компании во Европа со експертиза и искуство во градењето на болници – француската „Буик“ и германската „Вавет“.
– Гледајќи дека секоја од компаниите има експертиза во различно поле во градењето на болниците – француската во градежните работи, а германската во опремувањето и менаџирањето, наша идеја беше да се донесе специјален закон во кој ќе им дозволиме да дадат заедничка понуда за што двете компании се согласни, а при тоа, во исто време, да регрутираме и независен финансиски ревизор – европска компанија со искуство во таа област за да направи проценка на понудата која ќе се даде. Тоа беше ставено во Предлог-законот, разговаравме со опозицијата и предлагавме повеќе време да траат разговорите, да се приклучат и да не го блокираат процесот на носење, потенцира Филипче.