Вакцинацијата се одвива со добра динамика. Околу 50-тина отсто од вкупниот број невакцинирани деца сега се вакцинирани. Се уште трае тој тренд на интерес кај родителите за да ги вакцинираат своите деца, што е за поздравување, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
За жал, како што рече, секој ден има нови случаи на пациенти со морбили кои се примаат на Инфективната клиника.
– Помеѓу четири-пет до десет пациенти на ден се прегледуваат. Тие кои се со полесна форма се упатуваат на домашно лекување, а останатите се хоспитализираат. Вкупниот број пациенти што се лечат на Инфективна клиника е 30-тина. Децата кои имаат потешка форма, компликации, во смисла сериозно воспаление на белите дробови, се уште се во тешка, но стабилна состојба, рече Филипче.
Според него, тоа со што сега се соочуваме за жал е резултат на падот на колективниот имунитет, што се случува од 2014 година наваму.