„Голема чест за мене е прв пат да говорам на овој традиционален собир по повод 11 Октомври. Пред 83 години нашите предци одлучија да го кренат гласот и оружјето против неправдите, против окупацијата и угнетувањето. Тие не прашуваа дали можат да победат, тие не чекаа помош, тие ја презедоа судбината во свои раце,“ истакна претседателот Филипче, потсетувајќи на историското значење на денот.
Според претседателот Филипче, предизвиците со кои Македонија денес се соочува се слични на оние од минатото, кога нашите предци се бореле за слобода: „И денес, ние стоиме пред сличен предизвик. Како што тие се бореа за слободата на Македонија, така и ние денес мора да се бориме за правда, за еднаквост и за вистински просперитет“.
Претседателот Филипче ја критикуваше Владата на ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи ја неспособна да ги исполни ветувањата дадени пред граѓаните. „За жал, денеска сме сведоци на Влада која со секој свој чекор ги изневерува граѓаните. Никогаш досега Македонија не била толку изневерена од својата власт,“ изјави тој, додавајќи: „Никогаш досега не сме виделе толку празни ветувања, толку лаги, како што видовме од ВМРО-ДПМНЕ и нивната измама на последните избори“.
Претседателот Филипче рече дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ станаа заложници на своите лажни ветувања, а со тоа ја држат во заложништво и Македонија. „Ветуваа дека ќе обезбедат подобри позиции во преговорите со Европската Унија. Свесни дека лажеле, свесни дека не можат ништо да испорачаат, сега се заглавени како воз во снег – ниту напред, ниту назад.“- рече претседателот Филипче.
Претседателот Филипче ги оцени постапките на Владата како хаотични и неусогласени, при што рече: „Погледнете ги, личат на раштиман оркестар. Мицкоски зборува едно, неговиот министер Муртезани зборува друго, а вистината е дека немаат решение. Немаше храброст да излезат пред вас, да ви кажат дека лажеле.“
Претседателот Филипче ја посочи и промената на ставот на Мицкоски во врска со Преспанскиот договор. „Ги слушавме како ветуваат дека ќе ги поништуваат меѓународните договори. Пред некој ден Мицкоски рече дека Преспанскиот договор бил добар и требало да биде модел за преговорите со ЕУ. Замислете, Мицкоски кој својата политичка кариера ја изгради на протести против Преспанскиот договор, сега го посочува како успех,“ потенцираше претседателот Филипче, додавајќи: „Кога им одговараше, манипулираа со емоциите на граѓаните не размислуваа дека еден ден ќе мора да преземат одговорност“.
Претседателот Филипче истакна дека Македонија денес е „заглавена“ токму поради „популистичките и лицемерни политики“ на ВМРО-ДПМНЕ.
Во своето обраќање, претседателот Филипче изрази загриженост поради изјавите на Мицкоски во врска со судството. „Последните најави и изјави на Мицкоски се загрижувачки. Замислете, Мицкоски вели дека ако резултатите од истрагите во судството не бидат според неговите очекувања, ќе предложи ‘негови луѓе’ за сите позиции во правосудството,“ изјави претседателот Филипче, предупредувајќи: „Што значи тоа? Значи дека веќе размислува да го партизира судството, дека размислува како да го одземе тоа што со многу мака го стекнавме – слободата и демократијата. За само 100 дена, Мицкоски веќе ги открива плановите за целосна контрола на правосудството. Ова не е реформаторска влада. Ова е власт која сака да ја врати Македонија назад во времето на страв и репресија“ -заклучи претседателот Филипче.
Претседателот Филипче се осврна и на платите на наставниците и растот на цените. „Цените растат секој ден и основните производи не поевтинија, тоа го тврди и министерката за финансии. Владата на ВМРО-ДПМНЕ не направи ништо за да го спречи ова,“ посочи тој, нагласувајќи дека „Владата избра да го заштити капиталот, наместо да застане во одбрана на народот.“
Во однос на вчерашниот договор за 5% покачување на платите на наставниците, претсердателот Филипче рече: „Владата требаше законски да ги качи платите за 12%, но што направи? Обезбеди само 5% и тоа под притисок на јавноста и на нашата партија! Ова не е достоинствено решение. Ова е обид да се смири револтот со симболично зголемување кое е далеку од потребното за нашите наставници.“
Претседателот Филипче јасно стави до знаење дека СДСМ нема да биде дел од манипулативните политики на ВМРО-ДПМНЕ во однос на ЕУ интеграциите.
„Слушам дека бараат конструктивност од опозицијата. Велат ќе сме биле вклучени во одлуките. Сакам јасно да им порачам, СДСМ не е ВМРО-ДПМНЕ и нема да ја кочи иднината на земјата и граѓаните за своја политичка корист. СДСМ нема да наседне на нивните манипулации. Ќе дадеме поддршка за секое решение или подобра позиција која ќе ја договори Владата, но само ако тие решенија се реални и остварливи“ – заклучи Филипче
Претседателот Филипче им вети на присутните дека ќе ги избере најдобрите луѓе за водење на партијата: „Како претседател ветувам дека ќе ги изберам најдобрите луѓе – оние кои имаат поддршка од членовите, кои се спремни им служат на граѓаните, а не да се служат со нив. СДСМ ќе го врати гласот на членството. Секој член ќе има глас и влијание, затоа што СДСМ е партија на народот.“ -заклучи претседателот Филипче, се наведува воп партиската реакција.