Благоја ФИЛИПОВСКИ
По мое мислење кај нас долги години со благослов на државата постои сива економија.
Сите сме сведоци дека на нашите зелени пазари се одвива озаконет криминал каде што без никакви документи се продава-тргува стока која најверојатно е влезена во државата без валидни документи, т.е. без фактури и царински декларации. Па така стоката стасува до нашите зелени пазари од Ѓорче Петров, Тафталиџе, Буњаковец, Зелено пазарче, Бит пазар, Шуто Оризари и на сите пазари во државата.
На тие пазари се продава, народски кажано од шајка до локомотива, се без фискални сметки. Дали има математичар кој ќе пресмета за колку пари е оштетен буџетот на РМ за сите овие години?
РМ прва воведе фискализација на овие простори уште со Владата на Љубчо Георгиевски ама за жал таа никогаш не се спроведе во потполност. Хрватска воведе фискализација после нас, ама стопостотна, и ги фискализира и зелените пазари само што на тие пазари не се продаваат лавабоа, чешми и вц шољи.
Повторно со дозвола на државата имаме увоз на текстил, не по парче и со декларација, туку на кила и нормално со овој увоз се уништи нашата текстилна индустрија во која бевме први во поранешна Југославија. Се дозволи увоз на текстил за една употреба, за едно перење, исто така и кожната галантерија-чевли за една употреба, за еден дожд. И нормално пропадна и таа индустрија.
Придонес во сивата економија имаат и т.н. “бувљи“ пазари низ државата каде што покрај користените стари клучеви и чешми се продаваат и нови и секако без документи. Долга е листата на производи кои ја прават сивата економија и во прашање е голема сума на пари кои државата ги губи по тој основ и влијаат на буџетот а со тоа и на стандардот на населението.