Министерот за правда, Игор Филков, одговарајќи на пратеничко прашање од Јована Тренчевска од СДСМ за Извештајот на Европската комисија за напредокот на државата и наводите за реформите во делот на Кривичниот законик, Законот за парнична постапка и АКМИС-от, рече дека Министерството за правда во изминатите 18 месеци има доставено во владина процедура и подготвено повеќе закони кои се дел од Реформската агенда, нешто што во изминатите години не било случај.
„Ако добро се сеќавам вие бевте министер во Владата каде што беа донесени штетните измени на Кривичниот законик. Дали таа година немаше извештаи, дали вие реагиравте кога се носеа штетните измени? Законот за парнична постапка ако беше добар ќе го донесевте, мораше да се доработува и повторно е пуштен во владина процедура”, образложи министерот Филков.
Осврнувајќи се на наводите за недостиг на кадар во судството и јавното обвинителство, министерот Филков соопшти дека во последните пет години во пензија заминале вкупно 154 судии, а активни се 294 од 456 систематизирани места.
,,Во 2020 година се пензионирале 7 судии, во 2021-8, 2022-фантастични 64, 2023-43, 2024-25, 2025-7 судии. Вкупно 53 јавни обвинители се заминати во пензија за пет години. Сега да ве прашам кога зборуватете за судството мислите за ова судство што вие ги пензиониравте во изминатите години кога бевте на власт, намерно или случајно беа овие бројки”, потенцира Филков.
Во однос на АКМИС-от, министерот Филков информираше дека Министерството за правда во изминатите 18 месеци има направено по две контроли во секој суд во државата, нешто што во изминатите години не се случило.




