Краткометражниот филм „Ќелија 9“ во режија на Јован Саркањац на фестивалот „Бразил њу вижнс филм фестивал“, што се одржува во Камарагибе во Бразил, доби награда за најдобар звук, објави Слободен печат.
Филмот „Ќелија 9“ е направен според вистинска приказна за последниот настап на скопскиот бенд „Ќелија 9“. Станува збор за млад школски бенд кој беше активен од 2014 до 2015 година. Филмот ја истражува моќта на музиката и издржливоста на младоста наспроти тенденциите да биде ставена во потчинета состојба.
– Преку филмот настојувам да ја доловам издржливоста, храброста и креативноста на младите поединци кои одбиваат да бидат замолчени. Нивното патување вибрира со вродената човечка желба за самоизразување и стремежот кон инклузивно општество кое ги разбира желбите на младите – објаснува режисерот Јован Саркањац, кој истовремено е сценарист и продуцент на филмот.
За музиката и звукот во филмот заслужни се композиторот Петар Саркањац и дизајнерите на звук Драган Спасов и Ристо Алчинов. Ова e трета меѓународна награда за филмот „Ќелија 9“.
Претходно доби награда за најдобар краток филм на филмскиот фестивал Ааша во Индија и на филмскиот фестивал „Срцето на Европа“ во Словачка за најдобра кратка драма.
Филмот е снимен со поддршка од македонската Агенција за филм. Досега беше прикажан на повеќе интернационални филмски фестивали, а македонската премиера е планирано да се случи во текот на оваа година.
Режисерот Јован Саркањац дипломирал на Универзитетот Нотингем во Обединетото Кралство во класата за филмски и телевизиски студии, а информации за неговата комплетна филмографија се достапни на сајтот www.sarkanjac.com.