Владата на денешната 83-та седница донесе одлука за доделување финансиска поддршка на вкупно 745 естрадни уметници. За секое од лицата кои се пријавија и ги исполнија условите предвидени со јавниот повик ќе биде исплатена еднократна финансиска поддршка во износ од 30.750 денари по лице. На естрадните уметници кои беа погодени од корона кризата во наредните денови, вкупно ќе им бидат исплатени речиси 23 милиони денари (22.908.750,00 денари), со што е завршена уште една мерка од шестиот економски пакет.
Како што соопшти владината Прес-служба, на јавниот повик за финансиска поддршка на естрадни музичари, кој го објави Генералниот секретаријат на Владата, а кој се спроведе во соработка со Министерството за економија и Министерството за култура пристигнаа вкупно 1.633 апликации.
По вкрстувањето на податоците од Министерството за труд и социјална политика, Управата за јавни приходи, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и официјалните списоци од Здруженијата на естрадни уметници, се утврди дека критериумите за добивање на финансиска поддршка ги исполнуваат вкупно 745 лица.
Критериумите кои естрадните уметници требаше да ги исполнат за да добијат еднократна финансиска помош се: да имаат пополнето годишна даночна пријава, да не се корисници на пензија, просечните месечни приходи да не надминуваат 15.000 денари, да не користат некоја од редовните програми за социјална помош на Министерството за труд и социјална политика и да бидат членови на некое од регистрираните здруженија на естрадни уметници.
– Во спроведувањето на оваа мерка, Владата на Република … Македонија континуирано комуницираше со сите регистрирани здруженија на естрадни уметници во земјата, пришто се разменија идеи за формирање на комора на естрадни уметници, со цел да се систематизира и стави во определена рамка оваа дејност, со што комората би издавала лиценци за работа на естрадните уметници и на тој начин би се создал ефективен и конкурентен пазар, би се намалила сивата економија и системски ќе се надминуваат проблемите со кои се соочуваат естрадните уметници, стои во соопштението.
Владата, како што се наведува, посветено работи на поддршка на секој еден граѓанин и преку реализација на шесте пакета економски мерки овозможува поддршка на сите категории на граѓани кои поради економската криза предизвикана од Ковид-19 имаат намалени приходи и не можат да ги остваруваат основните работни функции.