Кривична пријава е покрената денеска против поранешниот градоначалник на Карпош и лидер на политичката партија ГРОМ, Стевчо Јакимовски, поради, како што е наведено, злоупотреба на службената положба и овластувања.
Финаниската полиција денеска излезе со соопштение во кое инфомира дека кривична пријава освен против Јакимовски поради основано сомнение за истото дело, како и поради соизвршителство е покрената и против М.Д., раководител на Секторот за јавни набавки, Н.Н. помошник раководител на Секторот за финансиски прашања, С.М. раководител на Одделението за норматива во правниот сектор и А.С., раководител на Одделението за сметководство.
Според Финансиската полиција, злоупотребувајќи ја службената положба и овластувања Јакимовски и неговите соработници им овозможиле да се стекнат со противправна имотна корист на правните лица Алконпроект во износ од 33.789.441 денари и С.М. Компани во износ од 2.845.234 денари, со што го оштетиле буџетот на општината Карпош вкупно за 36.634.675 денари.
Јакимовски, како што се наведува во соопштението во својство на градоначалник на општина Карпош во текот на 2012 и 2013 година ја злоупотребил службената положба и овластувања со тоа што во име и на сметка на општината спровел две постапки за јави набавки.
Станува збор за јавните набавки бр. 87/2012 и бр.187/2012. Иако знаел дека правното лице Алконпроект ДООЕЛ Тетово во двете постапки за јавни набавки не доставило банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот за што било должно, согласно тендерската документација и член 48 од Законот за јавни набавки, тој ја продолжил постапката.
Финаниската полиција нагласува дека спротивно на членот 56 од Законот за градење му дозволил на изведувачот Алконпроект да почне со вршење на градежните активности согласно склучените договори, без одобрение за градење, без решение за локациски услови со архитектонско-урбанистички или идеен проект и без основен и изведбен проект.
Јакимовски, наведува финансиската полиција, во 2016 година повторно ја злоупотребил службената должност и овластувања, при што во име и на сметка на општината спровел постапка за јавна набавка број 24/2016 за „Партерно уредување на сквер во Жданец“, иако знаел и бил должен дека правното лице ДГПТУ СМ Компани ДОО Свети Николе не доставило банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување, согласно членот 48 од Законот за јавни набавки, а кое било предвидено како услов за потпишување на договорот со најповолниот понудувач согласно тендерската документација.
М.Д во својство на раководител на Секторот за јавни набавки во општина Карпош во текот на 2012-2016 година ја злоупотребил службената положба и овластувања на начин што во спроведените постапки за јавни набавки со Алконпроект, иако знаел дека не е доставена банкарска гаранција, наместо да предложи активирање и наплата на банкарската гаранција на понуда и да објави негативна референца за понудувачот ги проследил договорите, со што му овозможил на правното лице да се стекне со противправната корист на име на неактивирани, т.е. ненаплатени банкарски гаранции на понуда.
М.Д во 2106 година ја злоупотебил службената положба и овластувања со тоа што за јавната набавка во кое учествувало правното лице ДГПТУ СМ Компани не доставило банкарска гаранција, со што му овозможило да се стекне со противправната имотна корист.
Н.Н. во својство на претседател на Комисијата за јавни набавки, С.М. како член на Комисијата и А.С. како заменик-член во 2016 ја злоупотребиле службената положба и овластувања со тоа што спротивно на законските норми ја прифатиле понудата на С.М. Компани ДОО Свети Николе, иако не доставил Сертификат за квалитет на вградени материјали, како што е предвидено во техничката спецификација на тендерската документација. Со тоа му овозможиле да учествува во постапката и да биде избран за најповолен понудувач и да се стекне со наведената противправна имотна корист.