Директорот на тетовската клиничка болница, Флорин Бесими, пред неколку дена одбил да прими донацијата, затоа што била од меѓународна компанија која организира игри на среќа и има казина., пренесува ТВ 21.

Во болницата пристигнало возило со 10 специјални болнички кревети. Истите биле растоварени, а имало и неколку хостеси кои требало да го рекламираат казинот и донацијата.

Меѓутоа кога директорот Флорин Бесими дознал дека станува збор за донација од казино, одбил да ја прими пратката. Креветите биле вратени во возилото и однесени.

„Јас добив известување од Министерството за здравство дека треба да примам донација од болнички кревети, при што не беше назначено името на донаторот. Кога пристигна пратката и кога видов дека како донатор се јавува една спортска обложувалница, решително одбив да ја примам донацијата. Им реков никако не прифаќам донација од казино. Досега сум имал две понуди за донации во висина од 5.000 и 10.000 евра од спортска обложувалница и едно казино, но и овие донации ги одбив. Зарем ако државата и Министерството за здравство не можат нас како болница да нѐ снабдат со потребниот материјал и опрема, треба да одиме да бараме помош од казина или спортски обложувалници? Такво нешто не доаѓа предвид. Освен тоа, оваа ‘донација’ се состои од 10 болнички кревети за кои е наведено дека чинат околу 2,5 милиони денари или околу 40.000 евра. Па какви кревети се тоа кои толку чинат? Брука! Па кога уште видов дека сред болница се рекламира казиното од страна на некои девојки кои беа со нив дојдени, уште повеќе се револтирав. Додека јас сум директор на болницата, не примам донации од казина и спортски обложувалници. “, вели Бесими.