Фолклорната традиција го носи во себе идентитетот на нашиот човек.
Во фолклорот живеат нашите предци, кои тврдоглаво и гордо го зачувале низ вековите во различни премрежиња од македонската историја, за денес преку него да го следиме времето што одамна поминало, но оставило белег исткаен во фолклорот и пренесуван од колено на колено.
Можноста овој аманет од старите да се овековечува, да се биде горд на своите предци, на нивната љубов кон македонскиот бит, да се пренесува на потомците и да се промовира низ светот, веќе 45 години ја имаат членовите на културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ од Делчево, македонски фолклорен амбасадор што пред крајот на 2019 година со годишен концерт го одбележа својот значаен јубилеј.
Одговорноста за промовирањето на македонскиот фолклор е огромна, бидејќи, како што вели Зенил Реџепов, човекот што го издигна друштвото од анонимноста, македонскиот фолклор е богат со бои, со звуци, со ритам и со чекори, богат каков што бил богат и духот на македонскиот човек.
– Тргнувајќи од овие размислувања, одговорноста на нас како културни промотори на македонскиот фолклор, но пред сè на пијанечкиот, е огромна и не е ни малку лесна. Во време на глобална прогресивна технологија, фолклорот ја губи битката, затоа ние, почитувачите на фолклорот, имаме сериозна задача, да направиме своевидна ренесанса на фолклорот, да им ја пренесеме љубовта кон традицијата на младите генерации, а пред сè со голема љубов и ентузијазам сето тоа да го пренесеме на сцена пред публика промовирајќи го македонскиот фолклор. Генерации и генерации делчевски момчиња и девојки беа нашата гордост на сцените низ светот, беа амбасадори на македонскиот фолклор, давајќи му живот на Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ од Делчево цели 45 години, вели Реџепов.
Како почитувачи на македонската традиција, 45-годишната традиција е речиси половина век работа, ентузијазам, неуморност, многу настапи, награди, многу генерации, многу благодати, но и неизвесности, додава Реџепов присетувајќи се на првите настапи на друштвото.
– Стручно-педагошкиот пристап во изучувањето на фолклорот и силната работа и љубов кон фолклорот од страна на фолклористите за кусо време ги дадоа првите резултати. Имено, за неколку месеци од формирањето во 1974 година, фолклорната секција беше подготвена да се покаже пред јавноста со својата кратка програма. Настапуваше на сите свечени академии. Потоа се формира групата „Распеани делчевчани“ и заедно со фолклорната секција од училиштето прерасна во фолклорна група. Во 1977/1978 година се регистрира во правен субјект Културно-уметничко друштво „Гоце Делчев“ – Делчево. Како такво КУД „Гоце Делчев“ првиот јавен настап го одржа на 7 септември истата година во центарот на градот Делчево. Не случајно беше одбран овој ден, денот на градот. На овој свечен чин сите членови на сцената беа распеани, разиграни, весели и среќни. Овој настан е незаборавен за генерацијата што ја имаше честа да го означи „раѓањето“ на еден ансамбл, кој подоцна ќе израсне во вистински амбасадор на македонскиот фолклор и гордост на Општина Делчево, раскажува Реџепов.
Градењето репертоар и кореографии друштвото го надградува преку стилизираниот уметнички фолклор, кој стручно-педагошки Реџепов го изучува по примерот на други еминентни професионални друштва и ансамбли од Македонија.
– По завршувањето на школата за фолклор во 1986 година од културно-просветна заедница на Македонија, членовите од КУД „Гоце Делчев“, јас и Снежана Стоименовска се стекнавме со диплома стручни раководители на игроорни групи и се презеде работата со ансамблот. Во 1988 година се здобив со титулата стручен раководител и кореограф и сум назначен за уметнички раководител, а во 1994 година станав лиценциран уметник субвенциониран од Министерството за култура на Република Северна Македонија и еве до денес продолжувам со својата работа, додава Реџепов.
Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ денес брои 202 члена и претставува ансамбл што манифестира висококреативно ниво и негува врвен артизам во сферата на музичкото поле. Многубројни се наградите и признанијата што ансамблот ги има добиено на домашните и интернационалните фолклорни сцени кои, како што дополнува Реџепов, се потврда на квалитетите на друштвото.
– КУД „Гоце Делчев“ ја презентира народната култура од Македонија преку обичаите, ората и песните, изведувани преку вокални групи, оркестрите, преку играорни групи поделени генерациски во Македонија, Бугарија, Србија ,Турција, Унгарија, Австрија, Германија, Франција, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Кипар, Романија, Италија, Швајцарија… Од своето 45-годишно постоење друштвото одржало над 1 000 концерти во Македонија и светот. Настапите со елеганција, во изворно обработениот фолклор, нагласената динамика, восхитувачки темперамент и мелоритмичка убавина со повеќе живописни носии и инвентивна кореографија со спектакуларни димензии, иако звучи нескромно, под мое уметничко раководство, придонесоа да се закитиме со многу признанија и први места, при што на повеќе фестивали сум прогласен за лауреат. Сите награди имаат своја приказна и сите ни се еднакво драги и сите нè обврзуваат на следниот настап да бидеме уште подобри, дополнува Реџепов.
Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ има значајно место во развојот и афирмацијата на културата и традицијата во Општина Делчево. Својот белег го остава 45 години со својата презентација на фолклорот и во рамките на одбележување значајни настани и датуми од историското културно минато, презентација на народната култура и традиција и активности од поширок општествен интерес, како на национално ниво така и надвор од државата. Во тој поглед друштвото е организатор на реномирани манифестации на кои гостуваат голем број играорни друштва од земјава и светот.
– КУД „Гоце Делчев“ полни 44 години е организатор на манифестацијата „Делчево фест“ – меѓународен музички и фолклорен фестивал и 14 години се јавува во улогата на организатор на придружна манифестација Пијанечко-малешевска свадба во функција на туристичка понуда на регионот. Секоја година покровител на манифестацијата е градоначалникот на Општина Делчево, а поддржувач Министерството за култура на Република Северна Македонија, кои исто така се и поддржувачи на 45-годишниот јубилеј, додава за крај Реџепов.
Годината друштвото ја заврши со доделување благодарници и дипломи за најдобрите, како во минатото така и во 2019 година. Од друштвото на сите граѓани на Македонија им ја честитаат новата 2020 година и им посакуваат добро здравје и многу среќни моменти во периодот што следува.
Валери Спасевски за МИА