Со договорот на Г7 за користење на профитот од замрзнатите руски средства, испраќаме силен сигнал до Украина дека ќе ја поддржуваме во борбата за слобода онолку долго колку што е потребно, но и знак за рускиот претседател Владимир Путин дека тој не може да победи, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на маргините на состанокот на Г7.

Таа посочи дека сите земји од Г7 ќе придонесат за пакетот заеми за Украина во вредност од околу 50 милијарди долари од замрзнатите руски средства и дека министрите сега ги разгледуваат деталите од договорот, пренесува Анса.

– Веќе има помош од ЕУ од 50 милијарди евра и американска помош од 60 милијарди долари (за Украина), а сега е додаден и пакетот Г7 од 50 милијарди долари – најави претседателот на ЕК.

Самитот на Г7 беше отворен денеска во Борго Егнација, во јужна Италија, со договор на лидерите за заем за Украина од 50 милијарди долари од замрзнати руски средства.