Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен вели дека и во овој момент тимовите на ЕУ и Велика Британија се обидуваат да постигнат договор за идните односи меѓу двете страни.
Фон дер Лајен вели дека има напредок и повторува дека наредните денови ќе бидат одлучувачки.
– Во моментов не можам да ви кажам дали ќе има договор или не. Но, можам да ви кажам дека постои пат до договор, пат кој е многу тесен, но го има. Добрата вест е дека постигнавме напредок по најголем број прашања. Сега сме во фаза кога сме толку блиску, а толку далеку едни од други, рече Фон дер Лајен.
Во обраќањето пред Европскиот парламент, претседателката на Европската комисија рече дека прашањата за еднакви права на сите на единствениот пазар на ЕУ и риболовот сè уште се отворени во преговорите со Лондон.
– Понекогаш се чини дека нема да можеме да го решиме ова прашање, но мора да работиме на решение бидејќи тоа е единствениот одговорен начин, вели Лајен.
Таа се заблагодари на Европскиот парламент за поддршката во овој процес и ги повика пратениците, доколку има договор со Велика Британија, тие преку ратификација да овозможат „добар исход“.