Европската унија сè уште не направила доволно за да го зголеми капацитетот за производство на оружје во услови на глобални закани, вклучително и руско-украинската војна, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

„Заштитата на Европа, пред сè, е обврска на Европа. И додека НАТО мора да остане центар на нашата колективна одбрана, ни треба многу посилен европски столб“, рече Урсула фон дер Лајен на безбедносната конференција ГЛОБЕСЕК во Прага.

Таа, исто така, предупреди дека идејата дека Европа направила доволно за безбедноста на почетокот на оваа деценија е „илузија“, додавајќи дека втората половина од деценијата ќе биде со висок ризик, пренесува Ројтерс.

„Ние Европејците мора да бидеме внимателни. Мораме повторно да го фокусираме нашето внимание на безбедносната димензија на сè што правиме. Мораме да размислуваме за нашата Унија како суштински безбедносен проект“, заклучила Фон дер Лајен.