Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска изјави дека Брисел до почетокот на август ќе ја продолжи суспензијата на контрамерките поради американските царини за челик и алуминиум.
Унијата во меѓувреме се обидува да постигне договор со САД за да ги избегне царините од 30 проценти на Трамп за сите свои производи.
-САД ни испратија писмо со мерки што ќе стапат во сила доколку не се постигне решение, и поради ова ние ќе ја продолжиме суспензијата на нашите контрамерки до почетокот на август, рече Фон дер Лајен.
Суспензијата на одмаздничките мерки за американските царини за челик и алуминиум требаше да истече на полноќ меѓу понеделник и вторник.
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, денеска изјави дека Унијата има „алатки“ да се одбрани од американските царини, посочувајќи конкретно на услугите што САД ги извезуваат на Европејците.
„ЕУ отсекогаш барала решение преку договор. Но, доколку е потребно, има и алатки да ги брани своите интереси“, рече Калас во интервју за „Трибјун Диманш“, давајќи изјава што е во согласност со тоа што шефицата на Европската комисија го изјави претходниот ден.
Кратко по вчерашната најава на американскиот претседател Доналд Трамп дека од 1 август ќе воведе царини од 30 проценти за производите од Европската унија и Мексико што се увезуваат во САД, претседателката на Европската комисија ја искритикува одлуката, но исто така изјави дека Европската унија е подготвена „да продолжи да работи кон трговски договор“ со Вашингтон до 1 август.
Фон дер Лајен, исто така, потсети дека Унијата е подготвена да ги преземе сите потребни мерки за да ги заштити своите интереси, вклучително и усвојување на пропорционални контрамерки доколку се покаже дека е потребно.
Калас рече дека Европа има силна позиција во преговорите во секторот на услуги.
Новите најави на Трамп за царини во екот на преговорите со Брисел предизвикаа големи реакции во Европа, каде што би можеле да бидат погодени важни економски сектори, како што се производството на автомобили, лекови, авиони или вино.
Трамп ги оправда ваквите мерки со големиот трговски суфицит на ЕУ со САД, што достигна 50 милијарди евра во 2024 година, покажуваат податоците од Советот на ЕУ.
Но, ако се земат предвид само услугите, тој тренд е обратен, ЕУ има трговски дефицит од 150 милијарди евра. Технолошките фирми имаат особено голем удел преку плаќање на дигитални услуги и користење на американски софтвер.
Каја Калас верува дека ЕУ има простор за маневрирање во секторот за да одговори на американската царинска офанзива.