Повеќе од 78 отсто од возрасните луѓе во Европската унија се вакцинирани против коронавирус во изминатата година, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

– Пред точно една година, во Европа почна вакцинирањето против Ковид-19. Изминавме долг пат. Повеќе од 78 отсто од возрасните во ЕУ веќе се вакцинирани, рече шефицата на ЕК во видео обраќање.

Според неа, вакцинацијата, вклучително и засилувачката доза на вакцината, останува најдобриот начин за справување со пандемијата на коронавирусот.

– Зголемената брзина на ширење на коронавирусот, особено на варијантата Омикрон, ја прави вакцинацијата уште поважна … Имаме доволно дози за да може секој да се вакцинира и да добие дополнителна доза на вакцина, рече Фон дер Лејен.

Ви ЕУ до сега се одобрени четири вакцини против Ковид-19 – Pfizer / BioNtech, Moderna, AstraZeneca и Johnson & Johnson. На вонреден состанок на 20 декември, Европската агенција за лекови ја препорача американската вакцина против коронавирусот Новавакс за употреба во ЕУ. Испораките на вакцините ќе започнат на почетокот на 2022 година.