– Вие сте иднината на нашата Унија, им порача Урсула фон дер Лајен на народите од Молдавија, Украина, Груција и земјите од Западен Балкан кои се кандидати за членство во ЕУ, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Прашањето за интеграцијата на новите земји-членки е трнливо и ги дели 27-те членки на ЕУ. Неколку земји, вклучително и Франција, би сакале функционирањето на Унијата да се измени пред евентуалното проширување на ЕУ. Но, за Урсула фон дер Лејен е потребно да се презамисли надворешната политика на ЕУ.
– Дојден е моментот да се инвестира во силата на демократијата. Но тоа започнува со група на партнери. Нашите пријатели од демократските нации од планетата. Тие што го гледаат светот како ние и кои ги делат истите вредности, треба да ги мобилизираме нашите колективни сили во интерес на светот. Треба да ја прошириме групата на демократии. Најдобар начин да се направи тоа е да се продлабочат врските и да се засилат демократиите на нашиот континент, порача претседателката на ЕК.
Според неа, треба да се започне со оние кои се на патот кон ЕУ.
– Ние треба да бидеме покрај нив, при секој чекор, секој ден, бидејќи патот кој води кон посилна демократија, патот кој води кон ЕУ е истиот пат, нагласи Фон дер Лајен.
– Поради тоа народите од Западен Балкан, Молдавија, Грузија, Украина, тие треба да знаат дека се дел од нашето семејство. Вие сте иднината на нашата Унија и нашата Унија нема да биде целосна без вас. Тоа е пораката која им ја испраќаме, потенцираше претседателката на Европската Комисија а нејзиниот говор беше проследен со аплауз во Европскиот парламент.
– Важно е, додаде претседателката на ЕК, да им се обратиме и на оние земји кои се надвор од процесот на проширување, и затоа, како што рече, го поддржува повикот за Европска политичка заедница.
Зборувајќи за одбрана на демократијата, спомнувајќи ја заштитата на владеењето на правото во ЕУ, таа не ги спомна Полска или Унгарија, двете земји кои се на нишанот на Брисел, за прашањето за независноста на правдата за Варшава и за слободата на печатот и наводната злоупотреба на европските фондови за Будимпешта.
Таа притоа се осврна и на силите кои делуваат како тројански коњи финансирајќи дезинформации, со што ја поткопуваат европската демократија и нејзините вредности.