Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека политиките на американскиот претседател Доналд Трамп носат „историски промени“ што ја принудуваат Европската Унија да „игра многу активна улога“ во обликувањето на новиот светски поредок, пренесува Анадолија.

„Западот каков што го знаевме повеќе не постои“, изјави Фон дер Лајен во интервју за германскиот весник „Ди Цајт“. Иако, како што наведува таа, отсекогаш била „убеден атлантист“ и „голем пријател на САД“, сегашната криза меѓу американската администрација и Европа, во комбинација со пошироките геополитички предизвици, бара решителни чекори од Европската Унија.

„Она што претходно го сметавме за светски поредок, сега се претвора во глобален неред, предизвикан, меѓу другото, од борбата за превласт меѓу Кина и САД, но секако и од империјалните амбиции на Путин“, рече таа.

„Затоа ни е потребна нова, поинаква Европска Унија, подготвена да зачекори на глобалната сцена и активно да учествува во обликувањето на новиот светски поредок што доаѓа“, рече таа.

Тврди дека Европската Унија, и покрај агресивните трговски политики на американскиот претседател Трамп, ја задржала својата сила и станала попривлечна за другите земји поради својата предвидливост и сигурност.

„Позитивниот ефект од сето ова е што моментално водам безброј разговори со шефови на држави и влади ширум светот кои сакаат да соработуваат со нас за да создадат нов поредок“, истакна таа, наведувајќи ги како примери Канада, Индија, Малезија, Индонезија, Мексико и јужноамериканските земји.

Таа нагласи дека, иако трговијата со САД сочинува 13 проценти од светската трговија, што е значаен удел, преостанатите 87 проценти се одвиваат со други земји.

„Сите сакаат поголема трговија со Европа, а тоа не е само прашање на економски односи. Станува збор и за воспоставување заеднички правила, како и за предвидливост. Европа е позната по својата предвидливост и сигурност, што сега повторно почнува да се смета за голема вредност“, додаде Фон дер Лајен.