ec.europa.eu – Брисел
Дали ние, луѓето, сакаме да продолжиме да живееме добро и безбедно на оваа планета? Човештвото се соочува со егзистенцијална закана – целиот свет започнува да го увидува тоа. Горат шуми од Америка до Австралија. Пустините растат во Африка и во Азија. Покачените нивоа на морето им се закануваат како на европските градови така и на островите во Пацификот.
Човештвото и порано било сведок на вакви појави, но никогаш со толкава брзина. Науката ни вели дека сè уште може да ја запреме оваа епидемија, но и дека имаме сè помалку време за тоа.
Новата Европска комисија не губи време. Денес, помалку од две седмици откако започна нашиот мандат, ви го претставуваме нашиот патоказ кон Европски зелен план. Нашата цел е да станеме првиот климатски неутрален континент до 2050 години, забавувајќи го глобалното затоплување и ублажувајќи ги неговите последици. Ова е задача за нашата и за следната генерација, но промените мора да започнат токму сега – и ние сме уверени дека може да го постигнеме тоа.
Европскиот зелен план е новата стратегија за раст на Европа. Тој ќе ги намали емисиите, истовремено креирајќи работни места и подобрувајќи го квалитетот на нашите животи. Тој е зелена нишка што ќе провејува низ сите наши политики – од транспорт до оданочување, од храна до земјоделство, од индустрија до инфраструктура. Со нашиот Зелен план сакаме да инвестираме во чиста енергија и да го прошириме опфатот на тргувањето со емисии, но со него, исто така, ќе ја стимулираме кружната економија и ќе ја зачуваме биолошката разновидност на Европа.
Европскиот зелен план не е само неопходност: тој ќе биде двигател на нови економски можности. Голем број европски фирми веќе стануваат зелени. Тие го намалуваат својот јаглероден отпечаток и ги откриваат чистите технологии. Тие се свесни дека постојат планетарни ограничувања: европските компании од сите големини разбираат дека секој треба да се грижи за нашиот заеднички дом. Исто така, знаат дека доколку откријат одржливи решенија за иднината, тоа ќе им донесе предност да станат движечка сила на новиот раст.
Она што претпријатијата и носителите на промените го бараат од нас е лесниот пристап до финансирање. За да го изведеме ова, ќе донесеме Инвестициски план за одржлива Европа. Планот ќе поддржи инвестиции во износ од еден трилион евра во текот на следната деценија. На ова ќе работиме заеднички со Европската инвестициска банка, како европска банка за борба против климатските промени.
Следниот март ќе го предложиме првиот европски пропис за климата, за да ја одредиме насоката за во иднина и да направиме тој правец да биде неповратен: на инвеститорите, иноваторите и претприемачите им се потребни јасни правила за тие да може да ги планираат своите долгорочни инвестиции.
Паралелно со унапредувањето на трансформацијата на начините на кои произведуваме и трошиме, живееме и работиме, ние мора, исто така, да ги заштитиме и да ги придружуваме оние што ризикуваат да бидат најтешко погодени од таквите промени.
Ваквата транзиција мора да функционира за сите или нема воопшто да функционира. Ќе предложам да се воспостави Фонд за правична транзиција – и би сакала овој фонд да мобилизира, заедно со придонесите од Европската инвестициска банка и приватните средства, сто милијарди евра во инвестиции во следните седум години. Ќе се осигуриме дека им помагаме на оние европски региони што ќе треба да направат поголем исчекор, така што никој нема да биде оставен на цедило.
Низ цела Европа, луѓето, и млади и стари, не остануваат само на барање акција против климатските промени. Тие веќе го менуваат својот начин на живот: на пример, луѓе што патуваат секој ден и користат велосипед или јавен превоз, родители што користат пелени што може повторно да се употребуваат, компании што се откажуваат од користењето пластика за една употреба и ги враќаат одржливите алтернативи на пазарот.
Многумина од нас се дел од ова европско и глобално движење против климатските промени. Девет на секои десет европски граѓани бараат решителна акција во врска со климатските промени. Нашите деца сметаат на нас. Европските граѓани сакаат нивната Унија да постапува дома и да биде предводник во странство. Токму овие денови, целиот свет се собра во Мадрид за Конференцијата за климатски промени на Обединетите нации за да разговара за колективна акција против глобалното затоплување.
Европскиот зелен план е одговорот на Европа на барањата на нашите граѓани. Тоа е план од Европа за Европа и претставува придонес за подобар свет. Секој Европеец може да биде дел од промените.
Автор: Урсула фон дер Лејен, претседателка на Европската комисија