Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) почнува со имплементирање долгорочна стратегија за инвестирање во претприемачите и македонскиот стартап сектор преку споделување знаење и научени лекции од светски експерти.
Во рамки на новиот серијал вебинари наречен #FITR CLASSROOM, два пати во месецот глобални експерти од најголемите светски брендови во различни области ќе го споделуваат своето искуство и препораки. Вебинарите се бесплатни и достапни преку платформата Зум (ZOOM).
Првиот интерактивен вебинар е на 25 ноември.2020 година во 19 часот со Марвин Лиао, поранешен партнер во „500Startups“ и еден од најеминентните ангел инвеститори во Силиконската долина. Тој ќе се осврне на тактиките, процесите и системите за ефективен влезен маркетинг и продажба, теми кои ќе ве одведат кон подобар и побрз раст. Влезниот маркетинг и продажбата им помагаат на сите видови бизниси да растат подобро, но постојат и посебно истакнати тактики кои можат да го катапултираат растот, особено на стартапите.
Марвин има повеќе од 19 години искуство во вложувања во ризичен капитал, технолошки бизниси и стартапи. Тој ја води акцелераторската програма во Сан Франциско, а истовремено инвестира и во договори за почетен капитал. Неговите инвестиции се насочени кон дигиталните медиуми, рекламни технологии, маркетинг „облаци“, е-трговија и мобилни стартапи низ целиот свет. Претходно тој имаше извршна функција во „Yahoo!“ повеќе од 10 години.
Повеќе информации за вебинарот и за начинот на пријавување може да се прочитаат на официјалниот фејсбук профил на ФИТР. Следниот вебинар ќе биде на 9 декември на тема „Брендирање на вработените“, со претставник од Фејсбук.
-Ова е само првата од повеќето иницијативи во следниот период со кои ќе инвестираме во знаењето на македонските претприемачи и стартап заедницата, како придонес за нивен раст и дополнителен развој, наведува ФИТР.