Формула 1 разговара за можноста да се доделува бод за најбрз круг за време на трката. Идејата не е нова, бидејќи во 1950-тите тоа беше практика, која подоцна беше исфрлена.
За оваа мерка беше разговарано неделава на состанокот на Светскиот совет за моторни спортови. Претстои гласање во Ф1 комисијата при ФИИ, а ако помине успешно, на почетокот на сезоната 2019-та во Австралија ќе биде доделуван бод за најбрз круг. Тоа, сепак, ќе биде можно само за пилоти кои имаат завршено во топ 10 – целта на ограничувањето е да не ја злоупотребуваат пилоти од дното на табелата. Минатата година, Фернандо Алонсо постигна најбрз круг по доцно влегување во боксот и без шанса да победи.
За идејата се зборува веќе подолго време. Во последните години првенството се решава со голема предност во бодовите, но на пример во 2008, ако се освојуваа поени на овој начин, Фелипе Маса ќе го освоеше шампионатот наместо Хамилтон, бидејќи Бразилецот водеше со 3:1 во најбрзи кругови.