Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска попладне ќе учествува на Форумот на културните рути на Советот на Европа што се одржува во Крит. Во рамки на форумот се одржува свечена церемонија во чест на новите членки – Македонија, Либан и Албанија. Годинашниот форум ќе биде посветен на темата „Културни рути на Советот на Европа: Заштита на европските вредности, наследство и дијалог“.
Како што соопшти Министерството за култура, Македонија официјално е дел од Договорот за парцијално проширување на Културните рути за 2022 година од 16 септември 2022 година, со што станува 37. земја членка на овој сегмент на Советот на Европа. Досега, преку неколку компании, Македонија беше дел од Рутата на маслиновите дрвја и Винската рута, Итер Витис.
На Форумот во Хања, Крит, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, покрај обраќањето на свеченоста по повод пристапувањето кон Договорот за парцијално проширување на Културните рути, утре ќе учествува и на панел-дискусија за промоција на интеркултурниот дијалог. Во агендата е и средбата со водечките претставници на Асоцијацијата на Европската културна рута на светите браќа Кирил и Методиј, на која ќе се разговара за нашето вклучување и учеството во патеката на сесловенските просветители.
Од Министерството за култура посочуваат дека Културните рути при Советот на Европа се формирани во 1987 година и досега се развиени 48 патеки. Тие се покана за патување и откривање на богатото и разновидно наследство на Европа. Преку нив се демонстрираат и применуваат вредностите на Советот на Европа: човековите права, културната различност, меѓукултурниот дијалог и меѓусебната размена преку границите.
–Преку овој инструмент на Советот на Европа се обезбедуваат едукативни активности, вклученост, развој и промоција на културата, туризмот, економијата и сите други области преку кои се обединуваат земјите на Европа. Културните рути опфаќаат различни теми – од архитектурата и природата до религиозни влијанија, од гастрономија и нематеријално наследство до главните фигури на европската уметност, музика и литература, стои во соопштението.
Преку својата програма, Советот на Европа, како што се наведува, нуди модел за транснационален културен и туристички менаџмент и дозволува синергии меѓу националните, регионалните и локалните власти и широк опсег на здруженија и социоекономски субјекти.