Форум за хуманитарни вредности „Знаењето е здравје“ и документарниот филм „Успение на Пресвета Богородица“ денеска се на програмата на Меѓународниот филмски фестивал „Богородичен покров“.
Форумот „Знаењето е здравје“ ќе се одржи во Соборниот храм „Свети Кимент Охридски“ во 16 часот.
Фокусот на форумот се протоколи на природната медицина – Протокол на Герсон терапија. Предавач е Билјана Јанкоска, едуцирана на Герсон клиника во Будимпешта. Јанкоска е бесплатен консултант, со 66.000 следбеници на Фејсбук страната „Здравје од природата“.
Програмата продолжува во 17.30 часот со документарниот филм „Успение на Пресвета Богоридца“, во времетраење од 39 минути. Филмот е снимен во Псковско-Печевскиот манастир, наречен „Свето Успение“ и е посвеен на Успението на Мајка Богородица, познат и како „Велигден на Богородица“. Режијата е на Константин галенчик, а продукцијата на „Студио Неофит“ Русија.
На фестивалската програма во наредните денови се долгометражниот филм „Варава“, документарецот „Раѓање на Богородица“, документарно-играниот филм „Светиот Арипелаг“, како и документарците „Приказни од Атос“, „Стела“, „Доброчинител“, за кои проекциите ќе бидат на Европскиот универзитет во Скопје.
Во тек на фестивалот посетителите ќе имаат можност да се поклонат на чудотворната икона на Пресвета Богородица „Небесна Царица“ во Соборниот храм во Скопје.
Фестивалот „Богородичен покров“ беше отворен синоќа, а ќе трае до 14 декември, кога ќе биде прикажан долгометражниот игран филм „13-от ДЕН“, историска драма во продукција на „13 DAY“ Films од Обединетото кралство.




