Астронаутите минуваат месеци во Вселената, при што нивните „земни“ навики и потреби не може да се изостават. Но, сите тие секојдневни, вообичаени појави, предмети, состојби, дејствија – онде горе изгледаат поинаку. Следуваат пет примери…

  1. Пламенот не се издолжува

На Земјата, огнот под влијание на воздухот околу него, добива издолжен облик. Во Земјината Орбита, при бестежинска состојба,пламенот од свеќата, на пример, нема таков нагорен тек, па огнот добива сферичен, полутопчест облик. Пламенот на Меѓународната вселенска станица (МВС), исто така, е послаб отколку на Земјата, но може да трае подолго.

  1. И водата зоврива во топчеста форма

Во Вселената, кај водата што врие се појавуваат меури од пареа, исто како на Земјата. Но, тие не се издигнуваат, токму поради отсуството на гравитација. Пареата тука не е „полесна“ од водата и од воздухот. Наместо тоа, помалите меурчиња се спојуваат меѓу себе и создаваат еден поголем меур.

  1. Бактериите се помоќни

Без Земјината тежа, бактериите многу побрзо се размножуваат. Тоа ја зголемува и нивната моќ, па така стануваат поотпорни на антибиотици и посмртоносни.

  1. Спиење во вреќи со каишки

За да не лебдат во воздухот, астронаутите на МВС мора да се врзат во своите вреќи за спиење.

  1. Во Вселената не се пијат газирани сокови

На Земјата, кога се пие газиран сок, поради тежата, течноста и гасот се одделуваат во стомакот. Течноста оди надолу, а гасот – нагоре. Тоа во секојдневието се нарекува подригнување. Во Вселената е можно само „влажно подригнување“, што го прави пиењето газирани пијалаци крајно непријатно… Човекот буквално треба да поврати за да го исфрли гасот од себе.