Водно е изобличено до непрепознатливост, реагираат екологисти на Фејсбук.
На Фејсбук страницата „Скопје мора да дише“ се објавени фотографии од кои се гледа масакрот врз „белите дробови“ на метрополата.
Деновиве градоначалникот Петре Шилегов, заменик-министерот за екологија, Јани Макрадули и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, се пофалија преку Фејсбук со еколошка акција во која засадија неколку десетици борчиња и дека многу важни им се „белите дробови на Скопје“.
Но, за ова што се прави на Водно, молк во медиумите и молк кај еколошките и други невладини организации кои порано беа многу гласни, кога во градот се сечеа дрвја за изградба на објекти.
Сега на Водно се прави масакр за изградба на гасоводот од Скопје кон Гостивар, ги нема паркобраните, невладините организации и бројни поединци кои во минатото бурно реагираа за секоја пресечена стара јасика. Сега грижата за Водно како да е оставена само на мал број активисти и екологисти на социјалните мрежи.