Пожар избувна попладнево во населбата Даме Груев кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја. Пожарот претставуваше опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата, информираат од ЦУК.

Веднаш беше пристапено кон евакуација на пациентите и персоналот, кои беа безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.

ЦУК

Центарот за управување со кризи (ЦУК), под водство на директорот Мухамед Али, веднаш побара дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координираше со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи. Првично се разгледуваше можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствуваше во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.

Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.

На лице место, заедно со директорот на ЦУК, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.