За трите брака и двете жени на Кафка; за преписката со Милена Јесенска, жената која прва го преведе на чешки и за тестаментот што му го оставил на својот пријател Макс Брод.- Што мислел Франц Кафка за жените, но и што мислеле тие за него?- Зошто се женел двапати со Фелиција Бауер?
Блаже Миневски
Mилена ги спасила писмата од Кафка но и неговите “„Дневници“, иако самата не можела да се спаси од смртта во концентрациониот логор „Равенсбрик“ „Бездруго некој го наклевети Јозеф К, зашто, без да направи нешто лошо, едно утро го уапсија.”
Многумина бездруго знаат дека ова е првата реченица на романот „Процес“ од Франц Кафка. Со неа, би можело да се рече, почна новата ера во светската историја на прозата. Замислете каква голема и непоправлива штета би и била направена на книжевноста, доколку неговиот најблизок пријател Макс Брод ја исполнел молбата на Кафка, спалувајќи ги сите негови ракописи. А Кафка со два тестамента го молел, и го обврзувал, да го направи токму тоа:
”Драги Макс, мојата последна молба до тебе е да спалиш се што ќе најдеш во мојата оставнина – во ормарот за книги, во ормарот за алишта, во масата за пишување, дома или во канцеларијата, или на кое и да е друго место, а ти падне в очи. Дневници, ракописи, писма, туѓи и мои, прибелешки и слично – запали се без остаток, заедно со сите ракописи и белешки што од мое име ќе замолиш да ти ги дадат. Писмата што не ќе сакаат да ти ги дадат, побарај барем да се обврзат пред тебе дека сами ќе ги изгорат.“ Твојот, Франц Кафка. Ете тоа е аманетот што Кафка му го оставил на својот пријател. За среќа, Макс Брод, кој и самиот бил писател, не го послушал својот другар и не ги изгорел неговите ракописи. Напротив. Веднаш по смртта на Кафка, работејќи деноноќно, со невидена одговорност, успеал да ги среди, дешифрира и предаде во печат сите ракописи што ги нашол. Најпрво бил отпечатен „Процес“, а потоа , во 1926 година, романот „Замок“, следната година –„Америка“, а во 1931 година и сите раскази што успеал да ги пронајде по списанијата и оставнината. Од 1935 до 1958 година, Макс Брод – кој , не дај Боже, можел да биде и Салиери, – три пати ги објавил собраните дела на Кафка, а во нив и писмата до Милена, зачувани во нејзината приватна архива. За жал, Милена Јесенска заврши во концентрационен фашистички логор, но писмата од Кафка останаа постојано да го спомнуваат нејзиното име.
Ќе ти кажам дали те сакам, ако не ми откаже гласот!
Франц Херман Кафка е роден во 1883 година во Прага. Милена Јесенска, жената на која и напишал цел том писма, петнаесет година е помлада од него: „Вие сте така млади, – пишува тој во едно од своите писма, – одвај имате 23 години, а јас веќе имам 38 гопдини; речиси цел еден човечки век сум постар од вас, и веќе сум побелен од долгите ноќи и главоболките. Имав две жени со кои трипати се свршував. Заедничко на тие мои три веридби е тоа што за се сум виновен јас, без сомнение јас – двете девојки ги унесреќив”. Две девојки а три веридби! А сето тоа траело се на се само неколку месеци. Направил две веридби со Фелиција Бауер, и една со Дора Димант, пред да умре.
Пред веридбата со Фелиција, во јули 1912 година, во својот дневник ќе запише: „Неспособноста сам да го поднесувам животот, не значи дека не сум способен да живеам сам. Напротив – мислам дека дури е и неверојатно дека би умеел да живеам заедно со некој друг. Сепак, од друга страна, признавам дека сум неспособен сосема сам да го издржам притисокот на својот сопствен живот; барањата што ми ги поставува мојата комплицирана личност, бремето на староста заедно со притисокот на волјата за пишување, плус несоницата и близината на лудилото.Немам сила сето тоа сам да го издржам.”
Обидот да побегне од осаменоста со женење, завршува брзо и сосема неуспешно. Истото се случува и со втората, но и со третата веридба. Сепак, има нешто што трае многу подолго, а притоа не дозволувајќи му на лудилото да се „маскира“ во генијалноста, како што вели самиот. Тоа е преписката со Милена Јесенска.
Всушност, тоа не е обична размена на писма – тоа е своевиден духовен брак.Тие низ писмата го живеат својот заеднички живот. Така е кога „разговараат“ за раѓањето и за смртта, за болката и убавината, за омразата и за љубовта: „Постојано сакаш да знаеш, Милена, дали те сакам, – пишува тој. – Тоа е тешко прашање на кое човек не може да одговори во писмо. Кога ќе се видиме следниот пат, ќе ти кажам дали те сакам, ако не ми откаже гласот.”
Меѓутоа, според она што може да се прочита во неговите романи, но, меѓу редови, и во дневникот, неговиот однос кон жените, за денешните феминистки, на пример, во најмала рака би бил проблематичен. Пред да се анализираат неговите ставови за жените, можеби треба да се знае дека тој своето прво сексуално искуство го имал на дваесет година со една продавачка од соседството, а во 1905 година веќе интензивно живее со жена која е значително постара од него. Затоа, велат упатените, женските ликови во прозата на Кафка во суштина се само обични, безживотни марионети, сведени по правило на лесно достапни еротски објекти.
Исто така, нарушениот контакт со спротивниот пол, е многу честа и мачна тема во неговата коресподенција: жените за него се нешто „гадно и валкано“, но, истовремено, и нешто од што не може да се побегне. Токму со такви женски ликови е опкружен, да речеме, геометарот К. во романот „Замок“, а тоа е истовремено и најосамениот лик на Кафка. И не случајно иницијалот е ист со иницијалот на неговото презиме. Всушност, негативниот однос кон жените е само дел од неговиот негативен однос кон животот. Психолошките анализи напаравени во тој контекст говорат дека тоа се должи на неговиот однос кон татка си, односно кон татковата надмоќност во однос на него. Во „Писмата до таткото“, Кафка отворено ќе признае: ”Моето пишување зборува за тебе; јас само се тажам за она што на твоите гради не можев да го истажам.”
Тајни средби со Грета Блох.
Пролетта 1910 година, Кафка почнува да го пишува својот „Дневник“, кој во октомври 1921 година, по една тајна, неколкудневна љубовна романса, и го подарува на Милена. Истата година ги објавува и своите први пет прозни текстови.
Есента со Макс Брод патува во Париз а потоа и во Берлин. Следната година, исто така со својот најблизок другар, почнуваат да го пишуваат заедничкиот роман „Рихард и Самуел”. Во Прага, навечер, се дружи со актерите од некоја источноеврејска театарска трупа што гостува во градот. Веќе следната година го пишува својот роман „Америка“ и го завршува својот антологиски расказ „Метаморфоза.“ Во тоа време започнува и интензивна преписка со Фелиција Бауер, а на почетокот на следната година три дена престојува кај неа во Берлин. Таму се запознава со пријателката на Фелиција – Грета Блох. Истата таа Грета во ноември 1913 година го посетува тајно, без да знае Фелиција, се разбира, во Прага. Врската на ист начин продолжува речиси до крајот на следната година. Според некои изјави на Грета, но и на луѓе што биле блиски со неа, таа во 1914 година родила син за кој тврдела дела треба да го носи презимето Кафка.
За жал, детето умрело во 1921 година, на седум годишна возраст. Од друга страна, Кафка за евентуалното постоење на тој негов син ништо не знаел, и никогаш ништо не дознал. Таа таинствена врска го Грета Блох завршила исто како што почнала – таинствено и без никаква трага. Ниту Кафка се интересирал за неа, ниту таа за него. Во март 1914 година писателот пак ја посетува Фелиција Бауер во Берлин и тогаш, набрзина, и предлага брак. На први јуни веќе е закажана веридбата. Тој брак траел само 42 дена. Цела една година потоа воопшто и не разговараат, а во јуни 1915 година повторно се сретнуваат во Карлови Вари, но само како познаници. Веќе следното лето го поминуваат заедно во Маријански Лазњи и повторно стануваат блиски. Во меѓувреме Кафка интензивно пишува раскази а добива и неколку значајни награди.
Во почетокот на јули 1917 година, – значи три година по првата веридба, – Франц и Фелиција се свршуваат по вторпат. По веридбата заминуваат на свадбено патување во Арад, каде што ја посетуваат и нејзината сестра, која е сосема збунета од бракот со „истиот, темен човек“. Наскоро, во август, Кафка веќе плука крв а во септември лекарите потврдуваат дека станува збор за туберкулоза. Разочаран од своето здравје, зема неплатен одмор и цели три месеци живее кај својата сестра Отла, во северозападна Чешка. Кон крајот на декември, истата година, се враќа во Прага и по вторпат ја раскинува веридбата со Фелиција Бауер.
По таквите шокови што ги доживува од својот „двоен“ сопруг, можеби токму таа го има наклеветено Франц К. кај Господа, вели еден од неговите хроничари.
Милена не присуствува на погребот!?
Кога во 1919 година Кафка ја запознава Јулија Вохризек, неговата двапати оставена сопруга се мажи во Берлин. Истопто тоа лето Кафка се свршува со Јулија а свадбата е закажана за ноември. Меѓутоа, до свадба не доаѓа. Во почетокот на 1920 година, тој е веќе на лекување во Мерано.
Иако болеста му ги урива сите надежи, Кафка токму во тој период започнува нешто за што самиот вели дека го прави најсреќен во животот. Имено, токму тогаш започнува преписката со Милена Јасенска. Таа тогаш е млада жена, сопруга на банкарски службеник. Со својот сопруг живеат во Виена. Таа со писмо му се обраќа на Кафка, замолувајќи го да и дозволи да преведе неколку негови раскази на чешки јазик. На 22 април веќе излегува нејзиниот прв превод на расказот „Ложач“. Тоа е прв превод на некое дело на Кафка.
Во јуни тој е веќе во Виена, кај Милена, а од таму патува во Прага каде што дефинитивно ја раскинува веридбата со Јулија Вохризек. Во август истата година има интимна средба со Милена во Гмунд, се разбира без да знае нејзиниот сопруг, банкарски службеник кој копнее да се пресели во Париз. Во 1921 година Кафка му остава аманет на Макс Брод да ги спали сите негови ракописи, но истовремено своите дневници и ги предава на Милена, како подарок. Таа година Милена повеќепати тајно го посетува во Прага, а тоа го прави и следната година.
Во мај 1922 година најверојатно за последен пат биле заедно. Следните две година, последните две година од неговиот живот, Милена и тој заедно се само во писмата. Тој се почесто е во постела или во некое лечилиште. Во јуни 1923 година во лечилиштето Мирица на Балтичкото море ја запознава Дора Димант, а веќе во септември двајцата се Берлин, во нејзиниот стан. По упорното инсистирање на Кафка, Дора спалува многу негови ракописи, пишувани во последните две година. Во почетокот на 1924 година, тој и Дора се селат во Целендорф. За жал, Кафка набрзо мора да биде сместен во санаториум, каде што набрзо ќе се утврди туберкулоза на гркланот. На трети јуни, Франц Кафка, писателот кој мислеше дека се што напишал ќе биде спалено, умира во санаториумот близу Виена. Погребан е осум дена подоцна на Еврејските гробишта во Прага. Милена нема да присуствува на погребот.
Со солзи во очите, сама во својата соба, ќе ги прелистува неговите дневници и писма. И ќе прочита:
„Те фаќа страв при помисла на смрт? Мене ми е ужасно страв од болка. Тоа е лош знак. Да ја сакаш смртта, а да не сакаш болка. Тоа е лош знак. Човекот е библиски гулаб кој не можел да најде ниедно зелено гранче, па затоа се вовлекува во мрачниот ковчег.”
Токму тогаш врз писмото и капнува солза а еден гулаб застанува на прозорецот. Потоа, од гулабот на Кафка до гулабот на Милена, ќе поминат цели дваесет година. Нејзината душа ќе летне во небото на 17 мај 1944 година низ оџакот на концлогорот „Равенсбрик“. Заедно со неа од логорот ќе летнат и трите сестри на Кафка.