Во извештајот на 11 експерти за прашања поврзани со имиграцијата и барањето на азил се даваат предлози за „поефективна, поправедна и пообјективна“ политика. Тие особено препорачуваат создавање на две агенции во Франција, една за азил, другата за имиграција, јавува дописникот на МИА.

Експертите се поранешни префекти, поранешен директор на Офпра, на дирекцијата за странци, синдикалци и академици. Експертите за имиграција предлагаат да се постават нови темели на целиот систем на управување со азилот и имиграција за „поефикасна, поправедна и пообјективна политика “.

Констатацијата на Паскал Брис, поранешен директор на Офпра е јасна:

-Ние сме во систем кој лошо прифаќа, што штити лошо и лошо раководи со враќањето назад (протерување).

Во Франција  во 2018 година  се издадени вкупно 256.000 дозволи за престој на странци, од нив  83.000 за студенти, според Министерството за внатрешни работи. Франција има ниска стапка на враќање (протерување) за оние кои не добиле право на престој: 14 отсто, наспроти просекот од 33 отсто во Европа.

Во Франција нема голем прилив, потсетува Паскал Брис, и затоа е неопходно да се надмине дебатата, да се заврши со „инструментализација на бројките за имиграцијата“. Целта на овој извештај од 100 страници е да се отвори дебата за сите, како за граѓаните, така и за политичарите.

Во текот на осум месеци, единаесет експерти (Паскал Брис, поранешен генерален директор на Офпра, Жан-Франсоа Каренко, претседател на Коалија, почесниот префект Оливие Гаинон, бизнисменот, Жан-Франсоа Плокин, генералниот директор на Форумот за бегалци -Кози) , Фредерик Сев, национален секретар на ЦФДТ и Патрик Веил, директор за истражување на ЦНРС) работеле, без секогаш да се согласуваат по се, за да на крајот предложат 25 препораки.

-Мора да излеземе од сите овие ситуации на беззаконие кои се многубројни, потребно е да го испочитуваме целосно правото за престој кога постои и со тоа да го промениме. И да направиме целосно да се почитуваат неговите граници, кога едно лице нема право да остане, тоа мора да ја напушти националната територија вели, Паскал Брис.

Меѓу 25 препораки, на прво место е преиспитување на управувањето со миграцијата, со создавање на две нови агенции, едната за азил, другата за имиграција и тие да бидат управувани од висок комесар, кој е под премиерот, а не повеќе под Министерството за внатрешни работи. Овие агенции ќе се грижат за целиот ланец на апликации за азил или дозвола за престој, што ќе ги направи поефикасни, според авторите на извештајот.

За да останат што е можно поблиску до реалноста на теренот, овие експерти препорачуваат и поедноставување на бројот на дозволи за престој и додавање на критериуми, особено за економските мигранти. Според овој извештај, префектот особено ќе ги разгледа потребите за работните места и професионалните вештини на апликантот.

Ќе бидат додадени и нови критериуми за хуманитарните принципи за жени жртви на семејно насилство на пример или за непридружувани малолетни лица. Авторите на овој извештај, исто така, повикуваат на брзо разгледување на прашањето за бегалците поради климата, дебата што ќе треба да се одржи и на европско ниво.