Француското претседателство во моментов води активни преговори со Софија и со Скопје за кревање на ветото, со очекување договор да биде постигнат во наредните денови.
Ова денеска го изјави државниот секретар за европски прашања на Франција, Клеман Бон, по завршувањето на Советот за општи работи на Европската Унија, реферирајќи притоа на посветеноста проблемот да се затвори, но и на сензитивноста на Бугарија на ова прашање, како и на многу тешкиот политички контекст во Софија во моментов.
Бон иако тврдеше дека во разговорите секоја од страните ќе види дека нејзиниот интерес е земен предвид и препознаен, сепак рече дека треба да се имаат предвид бугарската загриженост за одредени прашања.
„Не сметам дека тоа што го правиме ќе биде против интересот на Скопје, за … Македонија. Токму спротивното. Ако преговорите можат да се придвижат со помош на Комисијата ќе биде во полза на сите. Некои прашања немаат билатерален карактер, но ги засегаат бугарските односи со … Македонија и се во позадината на овие преговорите и тоа е многу детален и компликуван процес. Многу земји-членки посочија дека пристапните преговори не треба да се занимаваат со билатералните разидувања. Но некои аспекти од тој проблем би можеле да се решаваат на таргетиран начин како дел од преговарачкиот процес. Тоа е целиот проблем сега, да се најде прецизно каков ќе биде тој таргетиран начин и на што ќе се насочиме“, рече Бон.
Францускиот државен секретар за европски прашања се надева дека блокадата сепак ќе може да се заврши за неколку дена.
„Во тек се преговори на претседателството, не само со двата главни града – Софија и Скопје, туку и со европските партнери исто така. Убеден сум дека ќе стигнеме таму, но се уште имаме работа да завршиме. Се уште постојат ризици и нема да штедиме на напори се до последниот миг, ако е потребно, од нашето претседателствување, надевајќи се дека ќе постигнеме договор, најбрзо што е можно, во наредните неколку дена“ – додава Бон.