Француската влада сака компанијата Рено и јапонската Нисан што сега се партнери, да се обединат во една холдинг корпорација, објави јапонскиот весник „Никеи“.
Според извори на весникот, тоа барање го упатила француска делегација која го посети Токио оваа недела. Освен тоа, француската страна ги информирала дека планира да назначи претседател на Советот на директори на местото на Карлос Гон кој беше уапсен во крајот на минатата година.
Весникот нагласува дека барањето е по тензичните односи меѓу двете автомобилски компании и Рено притиска за обединување. Нисан е против бидејќи француската влада која е акционер во Рено, ќе може да влијае врз политиката на јапонската група.
„Никеи“ наведува дека пред да биде уапсен, Гон планирал обединување на двете компании.
Во моментот, Рено има 43,4 проценти од акциите на Нисан и право да назначува шеф на компанијата и членови во Советот на директори. Нисан има само 15 отсто од акциите и нема право на глас во Рено.