Франција, Германија и Шпанија денеска соопштија дека постигнале договор за идниот воздухопловен борбен систем (SCAF), што се очекува во 2027 година.
„Разговорите … во последните месеци овозможија да се постигне избалансиран договор меѓу различните партнери за следната фаза од програмата“, се наведува во заедничкото соопштение на министрите за одбрана на трите земји.
Според кабинетот на француската министерка Флоренс Парли, „фазата 1 Б“ од истражувањето до 2024 година ќе чини 3,5 милијарди евра, што подеднакво ќе го финансираат трите земји.
„Фаза 2“ го вклучува прототипот на авион што се очекува во 2027 година.
„Соодветните државни аранжмани сега се подготвени да ги следат државните административни процеси заради формалната валидација“, соопштија министрите на трите земји.
Франција и Германија во 2017 година го почнаа проектот, на кој подоцна му се придружи и Шпанија. SCAF треба до 2040 година да ги замени борбените авиони „Рафал“ и „Еурофајтер“.