Францускиот претседател Емануел Макрон при прошетката во вечерните часови во градината на Тујери во Париз заедно со неговата сопруга Брижит, се најде очи в очи со група жолти елеци, кои го исвиркаа и бараа негова оставка, јави дописникот на МИА.
Шефот на француската држава на крајот од 14-јулското славење, вчеравечер беше пресретнат од поединци во градината на Тујери, кои извикуваа „оставка на Макрон“ и го исвиркуваа. Неколку видеа кружат на социјалните мрежи на кои се гледа како Емануел Макрон во директниот контакт со лицата кои се претставија како жолти елеци. Претседателот прво на своите соговорници им посака „среќен 14 јули“, додека едно лице му одговара: „Ти ќе бидеш сменет !“.
Потоа следи жива дискусија за полициското насилство. Група мажи најпрво го повикаа да ги „избрка БРАВ“ – кратенката за моторизираните репресивни бригади на полицијата создадени во март 2019 година од префектот Дидиер Лалеман, кои интервенираа во демонстрациите на жолтите елеци во Париз.
„Претседателот на Републиката не го прави тоа!“, одговори Емануел Макрон, обидувајќи се да ја смири ситуацијата и барајќи од нив да бидат „опуштени “ и „да не викаат“. Жолтите елеци одговорија дека се „опуштени веќе 18 месеци“, и бараат ова прашање за полицијата да биде отворено со новиот министер за внатрешни работи.
Макрон потоа ги обвини дека не се „модели на почит“ со тоа што го вознемируваат додека тој се шета заедно со сопругата. „Празник е, се шетам, јас ве почитувам“, се брани Макрон, додека еден од групата му одговара му вели: „Господине претседател, јас сум постар од вас“.
-Вие сте мој вработен, господине претседател! Продолжува истото лице со жестина. „Ние Ве почитуваме, јас не Ви покажав непочитување, барем не денес“, завршува тој.
Целата оваа сцена се одвиваше во присуство на личното обезбедување на претседателот на Франција, но ситуацијата можеше да добие друг тек за безбедноста на Макрон.
Шефот на опозициската Републиканци, Кристиан Жакоб, утринава изјави дека Макрон „згрешил“ што излегол на прошетка, бидејќи настанот можел ќе да добие други размери. Според Жакоб, се поставува сериозно прашање за безбедноста на претседателот.