Со последните 25 починати луѓе од Ковид-19 во последните 24 часа во Франција, бројот на смртни случаи од почетокот на епидемијата во земјата достигна 30.004 лица, јави дописникот на МИА.
Во француските болници се хоспитализирани 7.062 лица поради инфекција со Ковид-19.
Од почетокот на епидемијата, во Франција беа хоспитализирани вкупно 105.417 лица, од кои на интензивна нега биле згрижени 18.469, а 78.388 луѓе оздравеле.
Речиси седум отсто од населението во европскиот дел на Франција е заразено со Ковид-19 пред средината на април, односно 4.368.000 лица, објави јавната здравствена агенција „Санте публик Франс“ (СПФ) која алармира за зголемување на ширењето на вирусот, јави дописникот на МИА.
Во Франција, со исклучок на Мајен каде се појавија неколку кластери, Гвајана и Мајот, два прекуморски департмани кои во моментот се многу погодени од епидемијата, постои „нов тренд на зголемување на ширењето на коронавирусот, иако тоа е на ниско ниво“, забележува СПФ.
Минатата недела, бројот на потврдени случаи на инфекција, стапката на нови случаи и бројот на лекарски интервенции на брза помош за сомнителни случаи со Ковид-19 е зголемен во однос на претходната недела.
Ако во просек заразено лице зарази помалку од едно лице, епидемијата се намалува, ако зарази уште двајца (R = 2), епидемијата се шири, ако зарази едно лице (R = 1), епидемијата се одржува, објаснува Софи Вокс од СПФ.
Покрај тоа, „имаме зголемен тренд во бројот на нови потврдени случаи, но број кој останува умерен. Не зборуваме за експлозија на случаи, но има движење што повикува на претпазливост“, објаснува Вокс.
Здравствените власти предупредуваат на опасноста од враќање на епидемијата, особено затоа што превенцијата се намалува кај населението и летните одмори веројатно ќе ги охрабрат ризичните однесувања и семејните и пријателските дружења. Меѓу 68-те кластери кои се под истрага на 8 јули, 20 отсто се однесувале на поширокото семејство
На повеќе места во Франција се спроведуваат операции на масовно тестирање на населението.