Кинеската компанија за телекомуникациска опрема Хуавеј нема да биде целосно забранета во мрежата од петта генерација (5G) во Франција, но француските оператори што користат таква опрема ќе добијат дозволи за период до осум години, јавија француски медиуми повикувајќи се на Националната агенција за безбедност на информатички системи.
„Она што можам да кажам е дека нема да има целосна забрана“, изјави Гијом Пупар, генерален директор на француската Агенција за безбедност за кибер-безбедност (Anssi), за „Ле-з-Еко“.
„Ние ги охрабруваме операторите што во моментов не користат Хуавеј да не го сторат тоа. На оние што веќе ја користат нивната опрема, ќе им издадеме дозволи за период од три до осум години“, нагласи тој.
Пупар потврди дека одлуките се подготвени и очекуваат само да бидат потпишани од владата.
Само три компании за телекомуникациска опрема – европските Нокиа и Ериксон и кинескиот Хуавеј имаат можност да снабдуваат опрема за идните 5G мрежи.
„Она што се прави со 5G во Франција е компромис. Мрежата 5G мора да биде развиена под економски услови прифатливи за операторите, како и да гарантира дека ние нема да сме зависни од една или друга опрема или земја, објасни шефот на агенцијата.
„Ние не сме против Хуавеј, ниту пак сме антикинески настроени. Станува збор за управување со ризик“, додаде тој.