Во Богородичната црква во Париз синоќа беше одржана првата миса по големиот пожар кон средината на април, што уништи голем дел од катедралата.
Мисата, што ја служеше парискиот надбискуп Мишел Опети, се одржа во една од капелите на катедралата и на неа присуствуваа околу 30 лица, пред се свештеници и вработени во црквата.
Поради безбедносни причини, сите присутни на мисата во Нотр Дам носеа заштитни шлемови на главите.
Засега не е познато кога катедралата одново ќе биде отворена за јавност.
Францускиот министер за култура Франк Ристер пред неколку дена изјави дека објектот останува во „кревка состојба“, особено неговиот свод за кој се уште постои опасност од уривање.
По големиот пожар, францускиот претседател Емануел Макрон најави дека обновата на Нотр Дам ќе трае околу пет години, што повеќемина експерти го оценија како нереално краток рок за таков зафат.