Франција стана првата земја на светот која воведе забрана за импланти за гради кои се поврзуваат со редок вид на рак на имунолошкиот систем.
Како што се наведува, се верува дека околу 70 илјади жени ги вградиле забранетите импланти од вкупно 400 илјади жени во Франција кои направиле операција на градите. Донесената забрана претставува мерка на претпазливост, воведена поради “ретка, но сериозна опасност”, соопштила Националната агенција за лекови и здравствени производи.
Агенцијата навела дека се забележани 59 случаи на рак помеѓу жени кои вградиле импланти, а три од нив починале.
„Колку е имплантот погруб и порапав, толку е поголем ризикот од добивање на рак”, наведува Агенцијата и додава дека не постои научно објаснување за појава на болеста и дека истата се набљудува.
Истовремено, на жените им се советува да не се подложуваат на операции за отстранување на имплантите бидејќи ризикот од заболување е мал.
Инаку, во Франција во четвртокот почина основачот на компанијата PIP која произведувала силиконски импланти полнети со стандарден силиконски гел наместо медицински, кој пак доведувал до оштетувања на имплантите. Тој во 2013 година беше уапсен и осуден на 4-годишна затворска казна, но биле извезени 80 отсто импланти пред неговата компанија да биде затворена.
Ваквиот скандал погоди околу 300 илјади жени во 65 земји, вклучувајќи ги Франција, Велика Британија, Германија, Венецуела и Бразил.